Ермис Лафазановски. Опишувач Не ќе ја најдете вистината, вистината ви се искрила како светлина во водата, попусто ќе бидат сите обиди, ако посакате не повеќе туку барем еден миг да ја имате во дланката заедно со водата. Живко Чинго Јас сум опишувач. Се опишувам себеси: живеам скромно без големи побарувања, бездетен сум и неженет, бездомен и безработен; опишувам пејзажи: очиве ми се наполнија со бескрајот на Полошката котлина, во која еколошката структура е честопати испрекината со високонапонски столбови; опишувам урбан живот: неонското осветление од стаклениот излог ми ги бојосува мислите во виолетово; опишувам љубовни сцени: неговата рака се повеќе се спушташе по нејзиното тело...; опишувам се и сешто, но кога паѓам в очај, најчесто се опишувам себеси како заробеник на најнеразбирливите состојби на духот. Од друга страна, пак, во миговите на светителска инспирација, во миговите кога ме напуштаат сите кафеави тонови, се опишувам себеси онаков каков што би сакал да бидам. Јас не сум писател ниту пишувач, туку опишувач и тоа од едноставна причина што опишувањето нуди поголеми можности за духовна надградба и релаксација. На пример, опишувајќи се ослободувам од најразличните стресни таложења, а особено од честите депресивни меланхолии и неврози; можам дури да го идентификувам нивното распаѓање и крилестото заминувањето од кое било место во внатреш носта на моето тело: срцето, коленото, стапалото или мозокот. Јас навистина верувам во методот за ослободување од стресни ситуации преку цртање или опишување на сопствениот автопортрет. Убеден сум дека таквите опишувања го зацврстуваат карактерот, на ист начин на кој тоа го прават неволјата, гревот и покајувањето, вклучувајќи го и намерното измачување на телото и духот за полесно совладување на неспокојството. Првите мои опишувања се родија, односно можам да кажам дека произлегоа, токму од таквата потреба за самоидентификација и за засилување на бледиот идентитет. За таа цел ги користев пресно бојосаните урбани ѕидови на кои, за разлика од децата кои си ги пишуваа сопствените имиња или шаблонизираните букви и цртежи кои главно не и прилегаа на природната околина, опишував случки од животот. Тие им значеа нешто само на луѓето кои имале доволно доблестна стрпливост да застанат пред мојот ѕид повеќе од пет минути и да го прочитаат текстот. Такви луѓе имаше многу малку, речиси ич. Главно, тие мои првични опишувања никому не му значеа ништо. За мене, опишувањето беше, и е, изложување на дел од себеси пред очите на јавноста, отворање кон светот кој се повеќе се затвара во себе, комуникација, разговор и дружење со луѓето кои не ги познавам, а со кои немам храброст да стапам во разговор. Новинарите би рекле - слекување на нечистите пљачки и перење на истите, но јас би рекол - соблекување на чистите пљачки и пеглање на истите. По ѕидните опишувања, толку многу смекнував, што паѓав во космолошки мечтаења во кои си давав хелиоцентрични вредности: се замислував во улога на сонце во драмата наречена течение на универзумот. Освен тоа, се чувствував и како колос - човек кој штотуку се олеснил обременувајќи го ѕидот со тајните на сопствената непостојаност и така олеснет лета по небото во сите насоки. Кој знае, можеби ѕидовите токму затоа се толку тешки: секој од нив крие некоја човечка тешкотија, мака, грев, историја. Мојата неостварена мечта од тоа време беше да се опишам себеси на ѕидовите на Кинескиот или на Берлинскиот ѕид. Секогаш си мислев, а сега гледам дека и не грешев, дека овие два најпознати ѕида, заради нивната големина и дебелина, можат да издржат најголем број опишувања и шкртаници, најголем број пцости и исповести, можат да им дадат најголем отпор на времето и на просторот. Покрај тоа, овие два ѕида имаат и многу заеднички нешта. На пример, велат дека едниот е единствениот предмет создаден од човековата рака што може да се види од месечината, а другиот е единствено нешто создадено од човечка рака што постојано се јавува на најразлич ни места на земјината топка. Колку што врвеше времето, шансите да си ги остварам овие мечти се повеќе пропаѓаа. Кинескиот ми е и ден денес недостапен, а Берлинскиот е урнат и не можам ни да претпоставам каде ќе се јави на друго место. А и да дознаам, таман ќе тргнам натаму а него, можеби, ќе го снема и повторно ќе се појави илјадници километри подалеку од мене. Поради ваквите причини морав своите мечти да ги рационализирам и да се ограничам на опишување во сопствената "природна околина". Со равитокот на човековата свест и на технолош ката револуција, ги напуштив ѕидовите. Но морам да признаам дека и ден денес, кога чекам ред, да речеме во некоја амбуланта или болница каде што ѕидовите се главно бели, добивам горделива желба да опишам нешто врз нив. Желбата ми минува во лудило, па го вадам клучот од џебот и со неговиот врв, додека не гледа никој, чкртнувам по некој опис, главно глупав и неразбирлив за другите. На пример: "Болниците се доказ дека болката и стравот се родители на дисциплината". Ова го напишав воден од искуството дека на тие места не се вреви, не се лудува и не се смее. Но со развитокот на истата технологија почнав да ги развивам и посебните опишувачки методи кои придонесоа моите опишувања да станат занает. Најпознатиот и воедно најуниверзален опишувачки метод којшто го имав развиено на почетокот од мојата кариера, вклучуваше во себе анахрони и здодевни компоненети како што се перцепирањето, апстракцијата и компарацијата. Овие три методички компоненти главно се базираа врз набљудувањето на определена појава, апстрахирање или одделување на некој интересен миг поврзан со таа појава и според тоа, споредување на тој миг од таа појава со други такви појави во природата или во општеството. Работејќи на усовршувањето на техниката на опишувањето, сами по себе ми се појавија и првите критериуми според кои го вреднував материјалот кој може да биде методолошки обработен. Такви критериуми беа: вистината и лагата, нивниот сооднос, нивното бизарно испреплетување и парадоксалната неможност да се диференцираат дури и во наједноставните случаи. Првите резултати од примената на овие, слободно можам да ги наречам постулати на опишувањето, беа ништожни па дури може и да се каже поразителни, но од една друга перспектива која не беше од психотерапевската туку од морално-етичка природа. Со други зборови, сфатив дека со помош на опишувањето може добро да се заработува. Малиот круг пријатели кои успеале во животот и со кои се уште оддржував некакви контакти, верувајќ и им на моиве зборови, почнаа да ме ангажираат за најразлични поводи: опишување успешни зделки по фреквентни дневници, величење на способностите на определена личност, опишување на нечиј семеен живот по локалните таблоиди, пишување мали брошурички за најкусиот пат до успехот според методот на тој и тој, итн. Имаше и такви ангажмани кои бараа од мене да опишам дел од нечиј интимен но бизарен живот и нив ги прифаќав не водејќи сметка дека можат да ми наштетат особено на физичкиот изглед. Прашање: што воопшто може да значи ангажманот како опишувач во време кога опишувањето безмалку - барем така мислат луѓето и и не е потребно (од естетска гледна точка тоа е застарена методологија), бидејќи постојат слики, фотографии и филмови, да не речам видео записи. Главната борба на овие медиуми против опишувањето е изразена во реченицата "една фотографија кажува илјадници зборови": Да, ама не кажува кој ја направил фотографијата, кој бил околу него во тој миг, кои се таткото и мајката на фотографот или пак на фотографираниот човек, потоа дали фотографот во мигот на фотографирањето имал стомачни проблеми. Еве еден пример: гледате фотографија на пејзаж. Веднаш можете да си ја претпоставите географската местоположба на пејзажот и тоа со огромен опфат, да речеме може да се погоди дали е фотографирано во Африка, на Антарктикот или во Европа. Но ги имате следниве проблеми: не знаете дали е тоа Антарктик или Арктик, која држава во Африка, или кој планински масив во Европа е фотографиран. Дури и да прочитате во кусиот текст под неа дека се работи за мало ескимско семејство на Арктикот или за пејзаж со маж и дете од Кенија, повторно немате којзнае какви информации. Е тогаш стапува на сила опишувачот па ви вели дека малото среќно ескимско семејство не е мало среќно ескимско семејство туку, главно тажно и намќоресто семејство кое по трагедијата во која животот го загубиле четири од вкупно десетте нивни поларни кучиња, се наоѓа во небрано и не знае како ќе успее да отиде на лов и да се подготви за престојната зима. Токму затоа во главата на најстариот член на семејството - темнокожиот и косоокиот маж со тешко идентификувани години - се создава ваков план. Неколку дена по фотографирањето, без разлика на тоа дали фотографот ќе си оди или ќе им биде и понатаму гостин, ќе тргне со кајчето до спротивниот брег на најблиската ледена санта каде што за време на вечниот ден се собираат фоките и морските кучиња и ќе улови четири мазнокожи фоки - да токму четири му требаат. Можеби за таа цел ќе го викне со себе најголемиот син. Всушност и не треба да го викне затоа што тој секогаш доаѓа со него и му помага во ловот. ќе ги довлечкаат фоките дома. ќе ги одерат, ќе им ја исцедат маста, потоа ќе им ја одерат кожата и ќе го искалапат месото. Следната недела каде и да е, ќе поминат трговците со месо кои за четири фоки можат да дадат четири кучиња.... Во безмалку затворените очни агли на ескимот на фотографијата секој повнимателен гледач може да забележи две мали искрички. Тоа се искрите на надежта. На другата фотографија гледате Црнец со мало дете, а во заднината бистри морски води и толку. Но Црнецот и детето не се татко и син, туку вујко и внуче, односно вујче и внуче што честопати е многу поблиска врска отколку татко и син. Таткото навистина беше дома во својот шатор и моментално беше зафатен со молзењето на единствената коза. Но и да не беше зафатен, неговиот син повеќе сака да се фотографира со вујче. Вујче е некако поимпозантен, повисок, похрабар, а освен тоа е и брат на неговата мајка. А кога мајките се во прашање се друго е на втор план. Вујче за тој ден планираше заминување кај своите пријатели Масаи на брегот на морето каде што требаше да им помогне да изградат чун, но не можеше да му одолее ниту пак сакаше да им се спротистави на молбите на внучето да се фотографира со него. Имаше уште една причина поради која не му се брзаше: таму го чекаше грдата Заманда, жената која му беше ветена за жена од страна на нејзиниот татко уште додека тие двајца биле деца. Навистина како дете Заманда била убавица и со ништо не се разликувала од нејзините другарки, но кога пораснала, особено во периодот кога станувала жена, се деформирала, се здебелила и се посипала по целото тело со мали бубачки. И така вујче беше притиснат со етичките норми на Масаите, од една страна, и со духот на својот дедо кого го носеше во малото рокче од антилопа и кој постојано му повторуваше "кај ја најде бе онаа вуду-жена". Неговите колебања можеа да се прочитаат во стисокот на неговите прсти врз газето на внучето кое го држи в раце. Кога сево ова би било снимено на лента или напишано како придружен текст, сепак би имало уште цело море неразјаснети објективности за кои добиваме толку малку информации што боли глава. На пример, не знаеме дека фотографот во тој миг го спопаднала неверојатно висока температура, по која тој бил пренесен во некоја болница каде што починал од некој вирус за кој, на почеткот се сметало дека е Ебола, и настанала паника меѓу населението поради способноста на овој вирус да се размножува со огромна брзина, а потоа се констатирало дека не е Ебола туку нешто друго што не е толку важно. Но човекот си отиде и толку! Останале фотографиите или филмот. Е затоа опишувањето нуди повеќе информации, а човекот нека си создава сопствени слики во сопствената глава. Првиот проблем од поголеми хуманитарни и општочовечки размери со кои се зафатив во процесот на опишувањето и кој, всушност, ме следеше цел живот е проблемот на вистината. Јас со овој проблем се судрив веднаш откако опишувањето го сфатив како занает. Некаде во тоа време другите околу мене сфатија дека мојот занает може да им помогне. Моите описи будеа чувства. Определени заспани луѓе, почнаа наеднаш да се будат со чувства за кои не биле свесни дека ги поседуваат, чувства кои, од мојот опис понатаму, почнаа да ги негуваат и грижејќи се за нив како за мали бебиња. Проблемот со таквите луѓе беше во тоа што тие не можеле да се согледаат себеси однадвор - објективно. Често не можеле да се самосогледаат и живееа во заблуда дека - да речеме - не ги бидува за ништо. По моите описи, во кои на таквите луѓе им се величаат моралните, религиозните и комуникативните вредности, тие го откриваа новиот свет на самодовербата во кој се нурнуваа со задоволство што го поседуваат детските очи при отворање на нова чоколада. Од друга страна луѓето кои мислеа дека ги бидува за сенешто, што и не беше далеку од вистината, живееа во постојано убедување дека моите описи не им се потребни - барем така тие мислеа. Таквите луѓе ги прифаќаа моите описи не затоа што навистина имаа потреба од нив туку, едноставно од помодарство. И така, мојата вештина набрзо стана позната меѓу локалното население и мојата регионална слава се ширеше со голема брзина. се до мигот кога требаше да се соочам со вистината. Еден наш познат стопанственик, со големи политич ки амбиции, кој инаку важеше за човек близок до определени кругови на владата, инаку мој поранешен близок пријател од кого ме оддели неговата висока општествена положба и неговата неверојатна зафатеност, беше слушнал дека се во мода опишувањата и дека токму јас сум оној кој најдобро може да ја опише неговата определена желба. И конечно се сети на мене. Бидејќи немаше време да се вљуби и којзнае колку време да губи околу заведувањето, ме замоли со зборови да ја опишам, да ја усовршам и на тој начин да ја благословам жената која тој ја забележа и која сакаше да му стане блиска. Бидејќи страдаше од недостаток на чувства, моите куси но опасни описи требаше да му ги размрдаат, раздвижат, усогласат, поврзат чувствата и со нив, така сплотени, да дејствува. Со големо задоволство се нафатив да му ја опишам. Нејзиниот опис го започнав со опишувањето на дел од манастирот Карпино близу Куманово, на чиј имот постои една голема карпа под која се наталож ило езерце со светлосина - света вода. Езерцето може да се види преку едно мало отворче во карпата што личи на прозорче. Ако патникот добронамерник, или пријателот на опишувачот ја турне главата во отворчето, ќе се вчудоневиди од гледката: иако главата го затвора единствениот прозорец за светлината, дното на езерцето свети како да е послано со илјадници сонливи светулки. Небаре некој ги има собрано од сите околни шуми и донесено токму овде за да светат. Но зошто би го сторил тоа? За да можат патниците добронамерници да ја најдат таа вода која свети како гламња, да се освежат со неа, да се измијат, да се одморат а потоа или да си го продолжат патот, или, пак, да преспијат во конаците на манастирот. Од неа исчезнува злата судбина, почудувањата и омразите. Мојата силна имагинација ја опиша неа, како дива шумска самовила која во жолта свилена облека се појавува од планинските височини во миговите кога нема никаде никој. Се доближува до отворот и со движења кои очигледно ги повторила илјадници пати, црпи вода од внатрешноста на карпата. Го раскопчува горниот дел од фустанот и си ги мие градите, а потоа целата снага, и нозете. Потоа, таа одеднаш станува питома, нема веќе желба да бега, ги пушта косите, лебедите, ползавиците, ги расплетува, тие расцутуваат, се раскрилуваат, пролетуваат. Клисарот кој тој ден, по којзнае кој пат, е качен на камбанеријата за да ги провери ранобудните ангели, ја гледа девојката како се соблекува, ја постила наметката на меката трева, се наведнува нанапред и почнува да си ги тресе косите. Стотици светулки, не - илјадници светулки и паѓаат од косата врз наметката додека таа со лесни движења се ниша влево и вдесно. Потоа се исправа, ја зема наметката, повторно ја облекува. Овојпат таа свети, таа станува света, таа е целиот свет, свети, света на тоа свето место. Така света стои уште малку, се врти, го забележува клисарот качен на камбанеријата и му прави некаков знак со прстите. Меко, како балерина, исчезнува по кривиот шумски пат од каде дошла. Тој, клисарот, единствениот нем сведок на небесната убавина, не знае дали тоа било привидение или вистина. Се прекрстува, клекнува на земја, ја бакнува, а потоа ги затвора очите и ги стиска за да ја задржи што е можно подолго нејзината слика пред своите очи. Нејзината жолта облека и црната коса, нејзиниот невин лик, спуштените очи, кротките раце, илјадниците светулки, нејзината светост. Таа станала светица, клисарот станал просветлен, блед, веќе не разговара со никого, се повлекува и од таа мала јавност до која имаше пристап. На неговото чело се појави мал знак во вид на ѕвездичка. Клисарот ја видел Богородица. Стопанственикот беше мошне задоволен од начинот на кој јас ја опишав неговата љубов, како светица и како богородица, чиста, невина, ритуална, трансна, славна, бестелесна, но сепак во мигот кога никој не не гледаше тој успеа да ми шепне на увото нешто и да ме праша: "А што мајка барала Љуба во тој манастир"? Без разлика на тоа како стопанственикот го имаше разбрано описот на неговата љубена - а очигледно е дека ја имаше разбрано како сериозна работа - во глобала беше многу задоволен. Дури, како што подоцна дознав, ја беше нарекол Љуба "моја светице" и покажа неверојатна желба таа да му стане жена, на што таа се согласи без многу двоумење бидејќи неговата општествена положба не му дозволуваше двапати да и го постави на една жена истото прашање. Освен тоа, таа негова положба не и дозволуваше на која и да е девојка која тој ќе ја прашаше во врска со тоа, таа да се дума или да шести. Мојот успех не се должеше на простото совпаѓање на описот со неговиот - на стопанственикот - ментален состав, туку беше резултат на напорна работа, чепкање низ архивската документација, низ фотографиите од детството, семејното стебло, интервјуата со роднините и пријателите. Главниот адут, ми се чинеше, е неговото религиозно образование кое го доби од неговата мајка и кое успеваше долга низа години да го крие од јавноста за да може да напредува во кариерата. Кога времињата се променија и религиозноста стана главен адут за напредок во кариерата, тој лекаполека почна да си ги открива длабоките чувства. Па така, по малку почна да претерува кога еднаш пред склучувањето на некаква зделка се прекрстил три пати. Љуба беше едноставна и, се чини, објективна жена која не беше научена на ваков вид опишувања, па не можам да кажам дека и се допадна начинот на кој ја опишав. Истражувајќи малку околу нејзиното потекло и моменталната ментална состојба, сфатив дека е премногу рационално битие и дека верува единствено во тоа што го гледа, а тоа што го гледаше во тој миг беа единствено очите на мојот пријател стопанственикот Љубен, затоа што, да, токму така се викаше: Љуба и Љубен, каква прекрасна коинциденција, каква звучна рамноправност!! Значи, неа не ја интересираа описи туку вистинските нешта, па дури малку се подналути сметајќи го мојот опис за лакрдија и како обид да се пошегувам со неа. Ова значеше дека за малку ќе ми пропаднеше хонорарот, но благодарејќи на воспитаноста на Љубен, успеав да го добијам. Со парите си купив малку поголема самодоверба и излегов со една стара пријателка на пиво. Мојот втор хонорар, се појави заедно со женач- ката на стопанственикот со Љуба, до која, според кажувањата на Љубен, дошло со голема заслуга на мојот опис, поради што добив привилегирано место за седење (првата маса до главната). Требаше да бидам присутен и не само тоа, туку, исто така, да ја опишам нивната свадба, да ја опеам, да ја овековечам, да ја оформам колку што можам поубаво. Се согласив од две причини: прво - лично сакав, преку опишувањето, да го исфрлам стравот кој, од само за мене познати причини во последните денови ако не и недели ( мислам дека беше тоа некаде една година пред крајот на милениумот), се повеќе ме обземаше, а второ - со првиот хонорар убаво си поминав, па сакав повторно да излезам на пиво. На подготовките за опишувањата на свадбата им претходеа неколкунеделни подготовки во кои спаѓаа работи како што се: собирање материјали, нивно анализирање и правење кус концепт. Во рамките на таквото "научно" истражување успеав да воспоставам духовни и ментални врски - еден вид метафизичка комуникација - со главните роднини од едната и од другата страна на невестата и момчето. Третата фаза на мојата научна работа, односно компарирањето, споредувањето на резултатите, ми го исфрли на виделина сознанието дека менталните структури на родителите на невестата и на родителите на момчето, сосем си прилегаат и дека не треба да се очекува којзнае каков непредвиден развој на односите меѓу девојката и момчето за време на нивниот брачен живот. Сосем се бев опуштил, бидејќи не наидов на никакви посебни побарувања во процесот на моето опишување освен, можеби, неговото објавување во некој таблоид. Освен тоа, работата многу ми ја олесни самиот стопанственик кој, во еден интимен разговор, ми призна дека описот на неговата идна невеста е убав, но има многу светулки и слични нешта и нив ќе треба да ги исклучам и да ја опишам така каква што е во реалноста. Затоа се одлучив на наједноставно опишување, без украси без претерувања, опис кој, освен вистината, и нема да има што да каже. За жал, ова што требаше да биде едноставен опис, набројување на случките со многу малку поетски фигури, ми го смени начинот на мислењето, односот кон описите и, воопшто, ако можам така да кажам - погледот на светот. На почетокот сакав свадбата да ја споредам со архаична камена трпеза околу која се коле, јаде, пие, пцуе и вика, се паѓа во ритуален транс што од алкохол што од скиснатини, од вруќ леб, од погачи со вино. Со тоа мислев дека ќе и дадам некое посебно значење кое оваа свадба ќе ја поврзе со истата таква архаична веселба и кај луѓето ќе го создаде чувството за колективна припадност. Но, согледувајќ и ја реалната ситуација и претходните мои констатации, не сторив така. Со еден збор, бев решен да се откажам од естетските категории кои еден опис го прават убав, во полза на вистината. Но, прво да кажам за Пеце кој ми беше голема инспирација за описот на свадбата. Фирмата "Фотограф Пеце", се викаше така според сопственикот Пеце Анастасовски, човек кој во овој вид на работа беше влезен повеќе од инспирација отколку од традиција. Велам инспирација, затоа што малкумина на светот знаеја дека овој фотограф имаше една единствена цел во животот, а тоа беше да успее да го фотографира мигот на премин од едниот милениум во другиот. За него тоа беше еден уметнички чин кој колку-толку ќе го оддалечи од секојдневието. Неговите маки беа неброени, затоа што имаше многу теориски дилеми околу решавањето на овој проблем. Имено, како момент на премин од едниот милениум во другиот, тој можеше да ја фотографира само новогодишната прослава и ништо друго. Но тоа не значи дека го сликал "преминот". Дури и да стави натпис: "ова е сликано тогаш и тогаш, во толку и толку часот", ни тоа не ќе значеше "премин". Неговите фрустрации се сведуваа на тоа дека уште малку време му останало за да смисли како, на кој начин, преку една единствена фотографија, без зборови ќе успее да го наслика "преминот". Значи, по сто години, ако некој ја погледне неговата фотографија, тој некој ќе треба, без некои посебни натписи, да погоди дека се работи за милениумскиот "премин". Единствено нешто што можеше да го утеши беше фактот дека ќе треба во тој миг да слика нешто, некоја случка што ќе може да биде симбол за тој премин. Но симболот не е исто со преминот. Со други зборови, тој сакаше да фотографира чисто небо на кое ќе може да се познае дека се случува премин. Ова беа главните мотиви според кои тој реши да собере фото и видео опрема. Токму затоа, свадбите не го интересираа многу, но бидејќи и тој беше пријател на пријател на стопанственикот, и тој беше ангажиран. Тој не сонуваше дека идејата за фотографирањето на преминот ќе му дојде токму на свадбата на стопанственикот со Љуба. Јас како опишувач кого најмногу го мачат истите теориски пробелми како и фотографот, го почнав опишувањето на свадбата со описот на гламурот, раскошот, богатството, неверојатната отменост, па дури, во одделни мигови, на префорсираноста на прославата. Гламурот на којшто не му припаѓав, но кој извираше од секој гостин, најмногу се огледуваш е на лицето на невестата која веќе го доби прекарот "светица" па дури и богородица, и на строгото, но праведно лице на зетот-спонзор. Главната маса која беше претоварена со мали подароци во големи кутии, на мигови заличуваше на цврста тврдина зад која се кријат сјајните лица на војниците кои, некако однапред, знаеја дека ќе ја добијат војната. Фотографот прво се обидуваше, таков каков што беше, незинтересиран, да ги сними главните мотиви на свадбата: невестата, зетот, свекорот, свекрвата, сватот, сваќата, сите насмеани, се уште непијани, доблесни, пудросани, намирисани. Невестата и зетот заедно држат нож во раката со кој подоцна треба да ја сечат тортата што се наоѓа пред нив. Потоа невестата и зетот се сликаат со сватот и со сваќата, па со свекорот и со свекрвата. Крупен план: целата главна маса. И мене ме фати: јас со пенкалото в рака нешто запишувам; белешки, извадоци, исечоци. Фотографот: се врти кон оркестарот, ја слика пејачката. Таа е убава и висока, има долги тенки нозе. Им мавта на луѓето. Музиката трешти. Орото: сите се фатени во орото, се уште изгледаат пристојни, фотографот, камерманот, луѓето кои оваа свадба ќе ја внесат директно во историјата на емотивните души; се провлекуваат меѓу борбените редови, сликаат, снимаат, ги тераат луѓето се поживо и поживо да се насмевнуваат. Фотографот: збудалува, светкаат блицови, небесни громови, господ си игра, тој им се радува, господ ги праќа ангелите на прослава, тие му пренесуваат доблесни пораки. Еден куп деца пиштат, но не можат да ја надвасаат музиката. Пеце се судира со еден човек кој снима со камера, го погледнува бесно, љубоморен сака да го мрдне, да го турне, но се откажува и оди да фати друг агол. Никој не забележува, но колку што забрзува музиката, толку е посилен трансот, толку повеќе нивните тела стануваат побезобразни. Трансот на играњето се засилува со пијанството. Набргу многу голем процент од населението на земјината топка ќе биде пијан. Жените почнуваат да се потат под мишките. се смрди на пот. Тие, отмените луѓе од почетокот на свадбата, оние со гламурни вратоврски, фустани, се распетлуваат, се фрлаат, не прилегаат веќе на она што биле. Сите викаат ејјјј и ујјјј, иако не знаат што значи тоа. Фотографот и видеоснимателот стануваат свесни дека повеќе не можат да ја фатат објективноста, дека вистината им бега, дека тие веќе ја немаат истата функција која ја имаа во мигот кога се договараа со стопанственикот затоа и тие, како и другите, паѓаат во ритуален транс и не знаат каде се наоѓаат. Светкаат блицови божји, преминот е уште далеку. А јасе!? Јас сум опишувач на нештата. Мирен сум, спокојно си ја вршам својата работа. Се обидувам да го фатам тоа што не можат ниту фотографот ниту снимателот. Не сум пијан, трезен сум, пијам само сокчиња за да можам да запишувам. Се наоѓам блиску, веднаш до масата каде што се сместени невестата, зетот, свекрвата, свекорот. И тогаш, како во магла, како од некаде далеку, ми се присторува или навистина слушам дека свекрвата и вели на невестата со голема насмевка на устата да не ги сече толку дебели парчињата од свадбарската торта за да остане и за другите. - Не сечи ги толку дебели! - вели свекрвата и продолжува да се смее. Еве нешто и за мене, опишувачот на настани, за мене - трагачот по вистини и различности. Најубавата невеста на светот, продолжи да дели парчиња торта, се чини не и посветува доволно внимание на свекрвата, бидејќи парчињата и понатаму се дебели. Да беше тортата обична, само со приземје, сега ќе морав веднаш да го довршам мојов опис, ама за моја несреќа таа имаше два ката. На врвот на катовите пластичен младоженец и уште попластична невеста, сместени во шеќерна школка, го стискаат букетот на нивната пластич на среќа. Вистинскиот зет се беше загледал во пластичниот зет и не му се веруваше дека толку личи на него. Дури откри кај пластичниот, на десниот образ бемка која е идентична со неговата. - Не сечи ги толку дебели! Потенки, потенки, реков! - викна овој пат идната мамо во увото на идната снао, вој пат се чини налутено. Насмевката на медената невеста, насмевка од распукана јаготка, преку цвет од кајсија, се стори модра слива. - Ти, мори, ме слушаш што ти велам?- прашува свекрвата. - Што? - Ти велам - потенки да ги сечеш! - Зошто? - За да остане за сите. - ќе има за сите! - вели невестата. - Не! ќе нема и ќе се засрамиме! И така свадбата продолжи уште малку, се додека мајката не викна по трет пат: - Ти, мори, глува си или што? Веројатно била "што", затоа што Љубен, кој не знаеше што се случува (инаку ќе нарачаше уште една торта само за да не се караат), можеше само со поглед да го проследи тоа што потоа се случи. Идната невеста го зеде ножот, исече едно парче дебело колку книга од петстотини страници, го стави на чинија и и го тресна на идната мамо в лице. Таа остана скаменета, но не се знае дали од дебелината на парчето торта или пак од тоа што тоа се најде врз нејзиното лице. Некој што седеше до мене, овој напад го сметаше за прв показател за еманципирањето на македонската жена која во борба за своите права... бла... бла... Ова беа зборовите на помладата генерација која беше на страната на идната убава невеста. Еден од претставниците на другата страна, кој сметаше дека жената во првите три години од бракот треба да молчи па дури во четвртата година да почне да се размавтува со торти, се доближи до главната маса. Тоа беше свекорот. Тој без никакво двоумење и влепи една шлаканица на девојката чија убавина се топеше како снегулка на циганско ќумбе. Колку да види таа кој е овде главен! Девојката падна од ударот, наназад на своето столче. Музиката се уште им свиреше на пијаните свадбари, па во таа турканица оваа мала сцена и не беше којзнае колку видлива. Братот на невестата, во два скока се најде до свекорот и го удри со тупаница по дебелиот пивски мев. Некој од поучените сватови ми шепнаа на уво дека ова е чист социолошки случај на бунт на младата генерација против старата - која си заминува во пензија. Идниот зет со тешки маки го тргна погледот од пластичниот зет и колку за да се најде во муабет го турна братот на девојката силно наназад, и тој падна во орото. Со самиот пад турна петшестмина играорци кои почнаа да пцујат и да викаат. Музиката престана, изненадена од фалшот на повиците. И почна општа тепачка. Балдзата се фати за коса со старосватицата, кумата и врати на балдзата, снаата со празно шише фрли кон кумот кој го држеше сватот во стисок. Еден по еден, кој раскрвавен кој парталосан, излегуваа од салата. Целата мешаница траеше кусо, но имаше долги последици затоа што сите се разотидоа кој каде стигна. Фотографот и снимателот веќе одамна ги немаше. Веројатно претпоставуваа дека нивната работа одамна е завршена штом свадбата е при крај. Долу на подот остана само пластичниот зет, на невестата некој и ја беше искинал главата. Јас ја кренав од подот и си ја зедов дома како спомен, таква обезглавена. По барањето на Љубен ги опишав настаните токму така како што се случија. Во меѓувреме, во еден посебен тефтер ја опишав љубовта меѓу небото и земјата, бидејќи кога си одев накај дома почна да паѓа дожд. Се сокрив под една стреа каде што капките не можеа да го втасаат мојот тефтер и почнав да го опишувам небото, како војник оттргнат од прегратките на својата љубовница, војник кој никогаш повеќе не ќе може да се врати кај неа и честопати плаче поради тоа. Погледнав долу, пред моите нозе се создаваше баричка од солзи. Таа сосема незабележително се слеваше во еден процеп во асфалтот и исчезнуваше во длабочините на земјата. Жената ги пиеше солзите на својот сопруг. Зетот, спротивно на првобитниот негов настап, кога го прочита мојот опис по неколку дена, не само што не беше воодушевен од описот на "настанот на неговиот живот" како што тој милуваше да каже туку, се чини беше и длабоко разочаран од него, бидејќи кога ме викна да го посетам, гласот му беше возбуден и гугаше како мисирка пред парење. Бидејќи не бев свесен за што се работи, ја прифатив неговата покана да се видиме, залажувајќи се дека непријатниот глас на неговиот тон, сепак, не се должи на мојот опис, туку на нешто сосема субјективно што немаше којзнае каква врска со мене. Кога така разнебитен преку телефон ме праша дали описот што го има кај себе е единствениот, односно дали постојат уште копии кои евентуално ги дадов да се печатат во некој од дневните весници, некој илустриран неделник или пак, ги разделив по пријатели умножен на умножувач, сфатив дека се случува нешто поголемо од моите скромни очекувања. Сосем мала беше неговата сатисфакција кога му реков дека тоа што тој го држи в рака е само вториот примерок на оригиналот кој се наоѓа дома кај мене. Велам мала, бидејќи од една страна се потсмири, а од друга, побара веднаш да му го донесам оригиналот и дека за него ќе плати колку што треба, само да биде негов. Не ја разбирав поентата, па го замолив да ми објасни за што се работи. Не сакаше да ми каже, туку и понатаму инсистираш е да му го донесам и првиот примерок, односно оригиналот, за кој е подготвен да плати мошне висока сума. Се најдов во ситуација во која, иако не знаев за што се работи, претчувствував дека можам да имам определен ќар и дури дека сум во состојба да побарам повеќе отколку што нуди тој. Се разбира дека во тој случај ќе станеше збор за уцена, но една специфична уцена поврзана со факти кои не ги познавам. Морам да признам дека одејќи кон неговиот дом бев решен да побарам повеќе, па што сака нека биде. Се разбира дека кога стигнав таму не го сторив тоа затоа што нешто друго ме погоди; нешто што не сонував дека ќе се случи. Набргу откако тој го зеде во своите треперливи раце оригиналот и откако ги имаше двата примерока кај себе, сфатив дека се работи за третирање на поимот на вистината во моите описи. Отворено ми кажа дека не е задоволен од начинот на кој ја опишав ситуацијата во врска со прославата на неговата свадба. Со други зборови, рече, има некои работи кои и не мораат да се кажуваат, како што беше, на пример, малиот инцидент што се случи и за кој не мора да знае целата јавност, затоа што таквата информација може да му наштети на неговиот приватен и, на крајот на краиштата, општествен живот. Јас го потсетив дека тој бараше лично од мене да не алегоризирам ниту пак да персонифицирам, а нај- малку да метаморфозирам, туку да бидам објективен и реален во моите описи. Тој се согласи со тоа но ми рече дека јас треба во секој случај да се приспособам кон определени ситуации, бидејќи вистината не е секогаш онаа која ја гледаме со очите. Вистината не е секогаш видлива, рече, туку понекогаш таа треба и да се почувствува. Јас го потсетив на тоа дека не го познавам како философ, а уште помалку како моралист, а тој ми рече дека има нешто тука и таму читано. Работата беше следнава: тоа што јас го забележав за време на неговата свадба не беше вистина. Вистината никогаш не е миговна, таа се оформува понатаму како резултат на комбинација на најразлични искази. Мојот опис требаше да биде поинаков, односно таков каков што сакаше Љубен да биде, а не таков каков што навистина бил. За да ми биде појасно, тој ми објасни дека ако од мојот опис го отфрлам дијалогот помеѓу невестата и свекрвата околу дебелината на парчињата торта, тогаш нема потреба да ги опишам консеквенците, односно тепачката. Со тоа, вкупниот впечаток за свадбата ќе биде сосема поинаков отколку вистинскиот, односно ќе биде вистинит! Тој мој опис како вистинит ќе го оформи понатаму јавното мислење и се ќе биде во најдобар ред. За да му се спротивставам на ваквиот начин на прикажување на вистината го прашав Љубена дали ако воопшто не ја опишев свадбата, дали тоа ќе значеше дека таа воопшто не се одржа? Тој ми одговори дека сум мошне тап за моите години и дека многу сум го разочарал, не само него туку и целото негово семејство, вклучувајќи ја и Љуба. Всушност, Љуба беше единствениот морален победник во врска со мене и таа постојано потсетуваш е на фактот дека таа била онаа која велела дека во мене не треба да се има никаква доверба. Излезе дека, благодарејќи му на мојот необјективен опис, нивната врска можела да заврши трагично и дека како што се засакаа, така можеше многу лесно и да се замразат. Гледано покомплексно, јас сум еден од најголемите виновници за ваквиот развој на настаните. Чаре? Чарето, рече стопанственикот, е во тоа што може да ми даде уште една шанса: да се поправам и да направам нов опис на свадбата, но овојпат тој опис да ги задоволува очекувањата на јавното мислење и достоинството на еден стопанственик со политички амбиции каков што е тој. Ако го направам тоа, ќе добијам двоен хонорар, ако не го направам тоа, ќе мора да се пресмета со мене преку суд и да ме обвини за лична навреда и за обид, поради ниски страсти, да внесам немир во неговото семејство и во семејството на сопругата. На крајот на краиштата, рече, така ли се опишува ликот на мајката? Опишувачкиот занает е мошне тежок. Те обзема, не ти дава мира, те дави, те стега со раце околу вратот. Сакаш да се ослободиш но не можеш: тие се повеќе се стегаат. Гледаш но не гледаш, слушаш но не слушаш. Другите живеат за себе, ти за никого. Се вратив кај моите пријатели: четирите ѕида. На секој одделно му ја објаснив мојата мака. Првиот ѕид рече: "Не се секирај, ќе биде подобро!" Вториот ѕид рече: "Што ти е гајле, важни се парите!" Третиот ѕид рече: "Не будали се, зашто будали ќе раѓаш!" Четвртиот ѕид рече: "се што се случило не се случило. Се случило само тоа што е запишано. А запишаното го обликува слученото." Моите претпоставки, значи, биле вистинити: секој ѕид крие во себе туѓо искуство. Се подзамислив малку околу тоа што го кажа последниот ѕид: Запишаното го обликува слученото, го издавив мојот тефтер и ги запишав овие зборови: кој знае, можеби во иднина ќе ми требаат. Пред конечно да се преобразам во чудовиште си реков дека можеби е вистинскиот миг да ги посетам и другите двајца фаќачи на вистината. Пецета го најдов со вкрстени нозе седнат во собата, со поглед на тегобност. Околу него летаа идеи, слики, во боја, црно-бели, сенчести, бојосани, неправилни, искривоколчени; неговите мисли беа црвени рамки. Иднината му зависеше, во голема мера, од развитокот на сегашоста. Насекаде околу него времето беше целосно мувлосало: убави жени, облини, тела, раце, крстосувач ки ракети, пламени, бомби, исечоци од сегаш- носта, влијанија врз минатото. Седнав до него и заедно почнавме да ја анализираме стварноста и вистината за неа. Тој прв почна со зборовите дека стварноста нема смисла да се задржува во фотографии, бидејќи не постои. Тоа што ние го задржуваме во мигот ниту постои, ниту било, ниту ќе биде. Тоа е само еден начин на кој сакаме да ја гледаме фоографијата. Затоа, - продолжи тој - ниту некој може, ниту некој ќе може некогаш да го фати преминот од ова илјадалетие во другото со една единствена фотографија. Се разбира, освен мене. Јас работам на тоа; решение, како во се, мора да има, затоа сум упорен... некоја ѕвезда, некоја комета, некоја планета можеби и самата земја, можеби и самото време ќе ја открие вистината, односно ќе се открие самата себе. Тебе - ми вели фотографското студио "Пеце" - ти е многу полесно, ти можеш да го опишеш преминот со зборови, да го опишеш, со долги реченици, да го окарактеризираш како безвремен, да му се восхитуваш, да си горд што си дел од него. Но јас.... мојата мака е бесконечна. Не - му велам - ти сигурно ќе дојдеш до вистинското решение, но јас не. Мојата мака опишувачка е многу поголема од твојата забележувачка. Ти можеш да забележиш и ретко кој да се посомнева во таа вистинитост, но јас опишувам и ретко кој ќе се согласи дека тоа што го опишувам е вистина. Во секој случај, двајцата сме на исто дереџе. Како? Еве како, доволно е да ги споредиме фотографијата и описот. - Имаш ли ти на некоја од твоите свадбарски фотографии, фатено жена со торта в лице? - велам. - Немам! - вели. - А дали се сеќаваш на таква случка? - Се сеќавам. - И зошто не фотографираше? Не требаше воопшто да се посомневам дека стопанственикот тука веќе интервенирал. Но продолжив да теоретизирам. - Јас опишувам се како што било, но има луѓе што се во можност да ми кажат дека тоа што беше не беше така како што јас мислам дека беше, туку така како што треба да мислам дека беше. Со други зборови, јас ја создавам вистината која никогаш не постоела. Пеце нервозно ги листаше фотографиите од свадбата на стопанственикот. По куса пауза застана врз едната и долго ја гледаше. Се доближи до мене и ми рече дека еве, сепак, има фотографирано една тупаница (не се знае чија) која зафаќа дел од, не се знае чија вилица. - Што ти вреди сево ова? Кој може да потврди дека оваа тупаница и оваа вилица, како дел од една општа тепачка за која ние двајцата знаеме дека се случи на таа и таа свадба, се вистина. Ако ја однесеш оваа фотографија кај стопанственикот, тој ќе ти рече дека ова не е вистина и дека никогаш не се случило а и да се случило, не е дел од свадбата. Разбираш? - Разбирам. Фотографот се помисли малку и ги ококори очите. Потоа се возбуди и стана. На неговото лице прочитав нешто што доволно ми зборуваше. Тој беше на прагот на идејата како со една фотографија да го опфати премнинот од едниот милениум во другиот. Му требаше уште само малку храброст и ништо повеќе. На фотографското студио "Пеце" му стана јасно дека за да го слика прагот на милениумут најмалку што ќе му треба е објективност и вистина. Со тоа еден дел од неговата мака е решен. Остана најтешкиот дел. Бев повеќе од сигурен дека ниту на видеолентата нема траги од тортата на лицето на мајката или пак од тепачката. Еве го описот на содржината на лентата: Крупен кадар на пејачката: бојосано во жолто, со дамки на лицето, високо нацртани веѓи, усни нацртани во вид на срце; малку подолу на десната страна од градите - истетовирана пеперутка. За да не го опишувам тоа што се гледа, почнав да го опишувам тоа што не се гледа зад тоа што се гледа. Пејачката е разведена, живее во предградието заедно со еден од музичарите. Имаше сменето неколку музички групи, но со оваа остана најдолго - поради музичарот. Нејзините комшии не ја ценат затоа што мислат дека шири неморал. Облечена е во многу кусо зелено мини фустанче. Високи потпетици. Кондурите и ги донел музичарот од Италија кога бил кај брат му - да го посети во затворот. Потоа следи крупен кадар на целата сала. Околу наоколу маси и пијани сватови, во средина оро бескрајно. Сите се весели и се смеат. На главната маса невестата и свекрвата сечат од тортата. Тие двете се смеат. Двете се сакаат. Љубезни луѓе поминуваат пред нивната маса. Невестата им сече на гостите кришки дебели колку книга од петстотини страници. Свекрвата се смее. Татко и, исто така. Мајка и разговара со зетот. Зетот е малку нервозен. Музиката би ја опишал како народна. И толку. Ни трага од настанот што јас го опишав и чиј сведок бев. Двата медиума ја прикажуваа објективната стварност преку нивните објективи таква каква што треба да биде, никако таква каква што била. Остана уште мојот објектив да се промени и комплетната вистина ќе заблеска во целата нејзина епохална убавина. Се вратив повторно дома и седнав пред отворениот тефтер. Го препрочитав делот со мајката... "Идната невеста го зеде ножот, исече едно парче дебело колку книга од петстотини страници, го стави на чинија и и го тресна на идната мамо во лице. Таа остана скаменета, но не се знае дали од дебелината на парчето торта или пак од тоа што тоа се најде врз нејзиното лице." Се обидов да направам неколку модификации достојни за менталните процеси коишто се одвиваа во главата на мојот пријател стопанственик: Прв обид: "Идната невеста поубава од априлско сонце, се сопна и падна со лицето во тортата..." Втор обид: "Идната невеста поубава од априлско сонце, го зеде ножот, исече едно дебело парче торта колку книга од петстотини страници го стави во чинија и и го подаде помалку неспретно на идната мајка, која нежно фаќајќи ја чинијата и се заблагодари на невестата со љубезна насмевка..." Не оди, ама ќе прооди. Времето врви со тенковски шини, тешко и бездушно, превртувајќи ја калта на надежда околу својата оска... Така некако го започнав описот на мојата состојба додека безуспешно се обидував да најдам излез од оваа ситуација. Седев крај малото прозорче. Дури и погледот ми беше ограничен. Пред мене не гледав никаква широчина, никаква слобода, туку право во една друга зграда иста како таа во која живеам, тромава и несмасна, полна со луѓе избегани од другите, избегани од самите себе. Далеку напред, во рамките на еден стар прозорец една женска фигура се чешлаше. Изгледаше како сениште, бидејќи немаше тело туку само сенка. Сеништето имаше тенки раце, висок врат, долга коса, но тоа ништо не значеше ниту за мојот опис, ниту, пак, пошироко за светот. Сеништето го подотвори прозорецот и ја истресе својата коса преку рамката. Очекував дека ќе и падне и ќе остане без неа, но тоа не се случи. Потоа се повлече во длабочината на собата оставајќи само илузија дека нејзиното сенишно тело се уште е присутно таму. Се вратив на мојот опис на свадбата. Размислував околу тоа дали е можно јас да опишувам работи кои не се случуваат? Кога ќе размислам, навистина тоа го правам. Ако ниту фотографот, ниту снимателот немаат докази за ова што го пишувам јас, значи дека можеби не постои. Ама јас сум очевидец, а очевидци се и другите луѓе. Можно ли е дека сево ова ќе отиде во колективната меморија, а потоа ќе се изгуби? Илјадапати е докажано дека лошите работи побрзо се забораваат од добрите. Тоа значи дека набргу, односно по неколку години од свадбата, ќе се паметат само добрите работи, а лошите ќе се заборават. Попусто ќе биде, значи, дури и да се консултирам со некој од присутните гости кои ниту сликале, ниту снимале, ниту запишувале. Голема е веројатноста тие да бидат зачудени околу тепачката што настанала дури и да се смеат за тортата и лицето на мајката, но што вреди ако нема, освен усни, никакви други докази. На крајот на краиштата, и да има докази, што вреди кога Љубен не ги признава? Уште повеќе ме уценува, ми врши притисок, ме подмитува, ме компромитира за да направам отстапки во врска со вистината. Решив да го затворам случајот на следниот начин. Го зедов текстот пред мене и го преправив. Сега невестата нежно и го пододаде парчето торта на мајката која што уште понежно го прими и тие двете среќни како две лебедици во хармонична љубовна игра, се бакнаа од среќа. Можев уште да измислувам, но засега толку. И што направив сега? Напишав дека свекрвата и снаата се бакнуваа од среќа. Секој жив антрополог ќе ви потврди дека тоа овде не е вистина, со помош на илјадници докази. Ма нека оди се по ѓаволите! Ги затворив листовите неспокоен и повторно погледнав предмене. Жената-сениште се беше претворила во собна тишина. Следната моја работа на која целосно и се предадов - додека чекав да се реши случајот со стопанственикот - беше опишувањето на една слика на Мартиновски. Ја прифатив работата не затоа што бев свесен дека и на ова поле може да се измери промената на човековата свест за објективната стварност, туку заради пари и поради мојата неограничена љубов кон уметничките вредности. Некој господин Н. Парчевски, страствен колекционер и препродавач - успеал во Белград, којзнае во кој дом, да пронајде една позната слика на Мартиноски на која само од личен интерес и припишал бесценета вредност, поткрепувајќи го тој негов став со националните интереси на македонскиот народ, кој со оваа слика може достоинствено да му парира на европскиот експресионизам. Инаку, сликата од првиот сопственик, некаде кон средината на дваесеттиот век беше невешто наречена "Богатство", иако се чини дека најмалку станува збор за тоа, бидејќи на сликата била насликана жена со дете во рацете. Слика која има ваква композиција не може да има такво несоодветно име, особено не во услови во кои богатството може да биде само заедничко, а не и индивидувално. Токму затоа некои историчари на уметноста веднаш ја преименуваа во "Аргатка", во согласност со уметничките потреби на времето кое бараше од уметниците да го сликаат народот на работа, на труд и во сите негови фази на напор за изградување на општеството. Значи, историчарите на уметноста, и покрај тоа што гледаа дека на сликата има жена со дете во скутот, ја нарекоа така како што требаше да биде наречена. Како што се менуваа и времињата, така се менуваше и насловот на сликата, па така во мигот кога таа слика стигна преку колекционерот Парчевски во рацете на владиниот функционер веќе го имаше добиено името "Циганката". Многу години се водеа дискусии околу имињата на сликата, дали тие и понатаму треба да се менуваат со промената на времињата или, пак, треба еднаш засекогаш да се нарече со некое име кое ќе биде вечно како што е, на пример, "Циганка со дете". Таквите дискусии ми се чини се уште траат и тие се отворени за нови и свежи идеи. Надвор од ваквите јалови дискусии околу името на сликата, човек кога малку подобро ќе се загледа во неа, ќе може да забележи многу детали кои, на крајот на краиштата, и не мора да придонесуваат кон општиот впечаток но, сепак, многу значат. Парчевски не ја набави сликата како резултат на неговото разбирање во уметноста, туку како резултат на неговите настојувања владиниот функционер да инвестира токму во оваа слика велејќи му дека ако сака да биде Европеец и да има европски стил, тогаш тој ќе мора, покрај другото, да се занимава со определена трговија на уметнички слики. Мора да се признае дека функционерот бил воодушевен повеќе од митот за сликата отколку од неговата способност да ја оцени. Неговите најпрости размислувања се сведуваа главно на тоа дека на светот не му требаат уметнички дела, односно слики, и дека тој и така ќе може да се развива и без слики - доволно е само да се има пари. Нејсе, по натамошните упатства на аквизитерот, тој закажа една мала прослава во неговата вила на Водно со намера да го испроба вкусот на своите пријатели и воедно да види како ќе се котира сликата. Покрај тоа, беше убеден во тоа дека за да се биде успешен не треба не само да се зема туку и да се дава. Значи, тој човек ме замоли да ја опишам сликата и да објавам нешто за неа со што, веројатно, ќе и се зголеми цената и ќе може да испрофитира; впрочем во целиот свет познатите бизнисмени, стопанственици и функционери, како што се вели, покажуваат голем афинитет кон уметничките вредности. Се разбира дека хонорарот ќе треба да биде на мојата сметка уште пред да излезе описот во весник. Како и да е еве го и мојот опис: Малкумина можат да забележат, гледајќи во сликата на Мартиноски наречена "Циганка", дека жената претставена на сликата иако мирна, е испотена околу вратот и дека насекаде околу неа се слушаат пцостите на плетачите на кошници и бегањето на пазарските арамии. се смрди на мувла и на неиспрано. Таа во рацете не држи дете, туку кукла на непослушното дете што пред малку со плачење отиде да се капе со другите во матните води на Серава. Во 1927 година, прототипот на оваа слика или, подобро кажано, првобитниот нацрт на оваа слика беше изложен на изложбата на приватната збирка на госпоѓата Брадулеску од Романија, на чие отворање присуствуваше и тогашното културно аташе на Германија. Ова културно аташе се згрози од смрдеата што ја испушташе сликата, но го привлекоа звуците на, за него неразбраниот јазик, па долго време се задржа пред неа покажувајќи жив интерес таа да стане негова сопственост. Уште повеќе што таков мотив веќе видел меѓу делата на еден романски сликар - Григореску. И на сликата на Григореску се слуша мирното тропање на калајџиите кои калаисуваат стар прибор за јадење: лажици, ножеви, вилушки, тенџериња. Жената на Григореску е исто така испотена околу вратот, а некои детали вриштат со црвена боја. Но, се чини дека и таа не успеа да го задржи своето дете. Наместо дете, има една стомна. Главата и е малку искривена како да е изненадена од палавостите на детето што избега. Критичарот на уметноста Раду Дан кој ја имал напишано книгата за уметноста во Романија при преминот од осумнаесеттиот во деветнаесетти век, смета дека детето од сликата на Григореску е истото она кое избегало од Циганката на Мартиноски. Но сето ова се само претпоставки. Како и да е, Германецот за време на веќе споменатата приватна изложба рекол: "Њас фур еине сцхене Гемелде"! Тоа беше пресудно за двајцата. И за Клаус и за Мартиноски, кој во тоа време ги мереше улиците на Букурешт. Клаус ја купи сликата, а Мартиноски ги заработи првите поголеми пари во животот што му влеа определена самодоверба за да продолжи со сликањето. Самодовербата му беше особено потребна, затоа што тој тогаш се наоѓаше во таканаречената состојба на раздразнетост на уметникот во младоста. Неколку години подоцна, односно, може да се каже дека повеќе години подоцна, госпоѓата Брадулеску се уште беше жива и спокојно си пиеше чај штотуку исцеден од самоварот. На ѕидовите на нејзината соба се уште висеше "Циганката" на Мартиноски која во меѓувреме доживеала неколку десетици репродукции од самиот автор и кои се распрснале низ целиот балкански свет. Нешто имаше во Македонија, нешто во Романија и во Србија, а нешто и во Бугарија. Затоа, од денешна перспектива гледано, тие слики можат да бидат наречени со заедничко име "Циганките на Мартиноски". Една таква Циганка стигнала и до белградските подруми каде што ја открил еден железарски работник и и го дал името "Богатство". Понатаму го опишувам тоа што веќе го опишав во врска со Парчевски кој парче правеше со сликите на Мартиноски. Одгласот на овој мој опис на сликата на Мартиноски се состоеше во неколку коментари од типот: "Пф.... живти описот" или "скандалозно редење на невистини". Ова второво допре и до ушите на владиниот функционер кој зажалил што воопшто ме ангажира да си го кажам мислењето за едно такво ремек-дело со еден таков простачки јазик кој изобилува со непотрепштини. Јас им кажав дека не сум историчар на уметноста туку опишувач, и дека тие ме ангажирале заведени од озборувањата. Почнав да верувам дека кога опишував по урбаните ѕидови секојдневни глупости, бев во многу поголема предност. Сега, кога бев навлезен во определени опишувачки кругови, подложен сум на определени законитости на кои, или ќе им се покорам, или ќе ме нема. Решив да направам еден експеримент. Бидејќи не постоеше начин моите описи да не бидат на овој или оној начин третирани, решив да објавам едно мое видување на тоа што луѓето главно го сметаат за невистина. Бидејќи подолго време се занимавам со истражување на легендите за ламјата во Охридското езеро, решив да се претставам себеси како народен опишувач, како човек чија граница меѓу имагинарното и реалното и безмалку невидлива. Еве што опишав: Жими тате ја видов! Затоа и ви пишувам. На многумина им реков дека ја видов, но не ми поверуваа. Си велам, ако никој не ми верува на речта, не ми останува ништо друго туку да се понадевам дека белки на писмото некој ќе му поверува. Не знаев кому да му пишувам, па бидејќи имам зетко во еден од дневните весници, си велам: ајде, тој може ќе ми помогне! Инаку, ова писмо не го пишувам јас, туку зеткото Тодорче, кого го условив да му ја раскажам историјата само ако тој си ја гледа својата работа, а јас мојата. Тодорче се согласи не само да го пишува ова писмо, туку и да ви го донесе во редакцијата на весникот и да види ако може некако да го објави. Јас му велам: ајде жити жена види ако можеш направи нешто да не оди мојава случка со мене в гроб. И еве тој го пишува сега ова писмо и вели дека ќе го однесе во Скопје. Колку што знам јас и колку што сум гледал по филмови, велат дека е крај на веков и дека во ова време на човека му се присторуваат најразлични работи. Не ќе да е. Ова моево не е присторено. Оти не гледам зошто ако се појавиле ламји и на други места во светот, таква една да не се појави и во Македонија којашто отсекогаш била прочуена по аждери, стии, али, ламји и разни ѕверишта. Но, слушнете добри луѓе, чујте и почујте дали вистина збори мојава уста, или пак само клевети реди; оти да беше само клевета не ќе носев лузна на душава како планинец што видел змеј, та го сонува за век и веков. Можеби мојава приказна ќе звучи како веќе чуено, но и да било веќе чуено, ниту устата е иста, ниту ушите се тие што биле. Јас сум сиромашен човек, немам многу школо, а и тоа што го имам ми отиде јабана, затоа не очекувајте од мојава уста да тече мед и млеко; не очекувајте да ви го разубавам денот со убави лафови оти не сум човек што убаво реди, ниту пак некогаш сум сакал убаво да кажувам истории. Имав порано еден дедо Ламбе кој знаеше убави работи да кажува, ама мајка ми ми велеше дека не сум на него. Но слушнете како било и пресудете со вашиот здрав разум, ако воопшто некој уште на овие места поседува таков. Судете и не срамете се ако нешто однатре ве тера да кажете, да така е, Ристо е во право (Ристо ми е името). Значи, една вечер се скаравме со Ристана на мртво име и презиме. Нема да кажам за што се скаравме, само дека работата беше стрижено - косено. Јас многу му се лутам на женскиот инает па, така и таа вечер не легнав в постела туку в кајче. Да, често кога ќе се скаравме легнував в кајче. Некако ми олеснува. Е сега, господ сакаше таа ноќ толку да бев се налутил што решив да се удавам. Често ми идеше да се удавам откако ќе се скаравме со Ристана. Понекогаш си мислам, како тоа никогаш не помислив наместо јас да се удавам неа да ја удавам, па на раат да си поспијам. Но ете, не ми текнуваше. Го одврзав кајчето и почнав да веслам кон Албанија, оти сакав да отидам каде што е најдлабоко. И си веслам јас така со кајчето се повеќе доближувајќи се кон средезерото кога тап, едното весло ми падна во вода. Прво што помислив беше тоа дека на умрен човек не му треба весло (мислев на себе), и не сакав да го земам. Но кога видов дека тоа се повеќе се оддалечува, се прашав а што ако вечерва, како илјадапати досега, не се удавам? Утре што ќе правам без весло? И така ме фати мала паника и со едното весло станат на нозе почнав да веслам по трагите на тоа весло што ми отиде. Кога одеднаш оп, веслото потона. Како може дрвено весло да потоне, си велам? Беше тивка ноќ и насекаде околу мене беше мирно, само трагите на месечината се гледаа во водата. Си велам, ту бре Ристе, оваа работа не ќе да е на арно - дрвено весло во вода да ти пропадне! Се наведнав над водата за да видам што е работата, кога одеднаш, паф, веслото од водата скокна угоре и за малку ќе ме удреше по муцка. Некој како да го беше фатил веслото и го држел под вода неколку минути. Се зачудив, но не се вознемирив. Се свртев кон градот, тој си стоеше на место. Посегнав по веслото кога, оп, пак го снема. Бре мајката, си велам, нешто не чини. Наеднаш, како во филмовине - жими тате - кајчето почна да ми се ниша, а никаде околу мене ниту еден бран - ништо. Како може кајче да се ниша ако нема бранови, си реков, ама веќе следната минута косата ми се крена на глава. Една огромна змија - жими тате - дебела колу човечко тело наеднаш навјаса преку моево кајче. Нејзината тежина ми го потопи кајчето во кое влезе вода. Се слушна пискот, нешто како меѓу галеб и авион. Нејзиното тело можеби имаше дваесеттина метри или повеќе оти и требаше многу време да помине. Не и видов ниту глава ниту опаш, бидејќи за тоа време јас не постоев. Дали бев мртов а потоа пак оживеав, не се сеќавам. Само знам дека се разбудив на брегот , без кајче, без весла, без ништо. Подоцна ми текна дека тоа беше таа ламја којашто јаде кајчиња и луѓе и заради која, како што велеше дедо Узун, рибарите што сакале да ја продадат стоката во Поградец, не оделе сред езеро туку покрај брегот, Пештани, Св. Наум и така. Не и кажав на Ристана, затоа што ќе тврдеше дека е косено, а не стрижено. Како и да е, јас тоа нешто си го нареков ламја, сосема уверен, а во тоа, жими тате, верувам и сега а и ќе верувам до гроба дека тоа е истата таа ламја од порано. Чунки ламјите живееле и по триста години. Сетне секоја вечер одев на брегот честопати мешајќи се со разлигавените туристи и гледав средезеро небаре ќе забележам некое бранување, некое движење кое само мене ми е познато. Ја видов уште неколку пати. Беше тоа во 1989 накај 1990. А сега најважното. И Климе ја виде! Ако не верувате, прашајте го Климета. Еве како дознав. Беше дојден од Скопје овој мојов Тодорче кој ви го пишува ова писмо и демек ме вика да одам со него кај некој негов пријател што гради викендич ка да видиме како, што, и каде е. Јас, бидејќи преку ден безделничам, тргнав со него по џадињата, кога ете ти го Климе вџашен се пули во мене и ме моли да се најдеме да ми каже нешто важно. Се најдовме, не е важно каде и кога, но многу скоро и тој ми вели смеј се ако сакаш, вели, ако не пак верувај, вели, или прави ме будала, ама една волкава (ми покажа со раце ширина колку едно човечко тело) змија ли чудовиште ли, ми го располи кајчето. Е сега, човек ќе рече добро и што е тоа важно - виделе двајца, значи има нешто тука. Но не. Најчудното е тоа што Климе живее во Отешево и тој си фаќа на Преспанско. Јас зачуден му реков дека и јас видов таква една ламја ама на Охридско. Длабоко во ноќта зедовме да мислиме на следново: дали има две ламји - една во Охридско, една во Преспанско или... Повеќе бевме на страната на ова или. Дојдовме до заклучок дека се работи за иста ламја која оди ваму-таму од Охридско до Преспанско - под земја, се разбира. ќе праша некој - од кај знаеме дека е истата. Ние двајцата ќе речеме - по начинот на кој ни ги извади ѕрцките од страв, жими тате. Јас повеќе нема да должам, може секој којшто сака да дојде кај мене во Охрид и јас ќе му ја нацртам на хартија бидејќи ја видов повеќе пати. Мојата адреса е "Цар Самоил" бр. 5 (прашајте за мене кај касапот, или кај зеткото Тодорче во весникот). Ако некој пак не ми верува еве ви ја и адресата на Климета: "Преспанска", бб, Отешево. (Нема телефон, ама прашајте за змијата и секој ќе ви рече кај се наоѓа). Ако, пак, не ни верувате ни на двајцата, господ нека ви е на помош. Ристо Мојот напис предизвика огромен интерес и се почна да се одвива така како што најмногу сакаат Американците: се зголеми посетеноста на хотелите на охридскиот брег, финансиската добивка на рестораните се зголеми и, се разбира почнаа да пристигнуваат туристи не само од сите страни на Македонија, туку и пошироко од светот. И јас решив да се офајдам од ситуацијава. Собрав што имам пари од ваму-таму, купив еден контингент руски двогледи и почнав да ги продавам. Имаше за блиско гледање, за далечно, и за прекугранич но. Не можам да кажам дека продажбата на двогледите не ми одеше добро; напротив, ги продадов сите. Луѓето дури почнаа да ми ги фалат и да велат дека подобро доближуваат од американските. Но знаев, бев убеден дека колку и да доближуваат со нив никој нема да успее да ја види ламјата од езерото, затоа што таа нурка, таа лета, таа е немирна, нејзините перки се големи колку мене, таа нурка, таа се раѓа од космичко јајце, таа е космичко јајце, таа се вивнува в небо и гледајте, гледајте, ги гледате ли тие паралелопипеди што во концентрични квадрати се шират по небото? Тоа е нејзиниот здив што го испушта. А ги гледате ли тие бели чадни линии на небото? Мислите дека се од прекуокеански авиони, не, тоа е здивот на ламјата! Но, за жал, никој тоа не можеше да го види, па луѓето со двогледи туристички ја разгледуваа само околината на езерото. Сепак, постои еден начин сето тоа да се види и, на крајот на краиштата, да се доживее. Двоглед од дланки. ќе си ги земете рацете, дланките ќе ги составите (палците со показалците и другите прсти), ќе ги доближите дланките во вид на двоглед и ќе ги пренесете пред очите. Што гледате? Го гледате светот поинаку? ќе речете: Точно дека е поинаков ама е детски. Децата, тие прават двогледи од дланки и гледаат преку нив најразлични чудовишта. Тие можат да го видат невидливото. А зошто не можете вие? Еве јас ќе направам сега двоглед од дланките, ќе излезам на мојот прозорец, ќе почнам да набљудувам и ќе ви опишам што гледам. Мило ми е затоа што јас сум опишувач по вокација. Занает ниту признат ниту познат, но вечен. Тој занает ми донесе и многу проблеми во животот, многу поголеми отколку досега опишаните. Да? Зошто? Поради два описа. Впрочем, пред да ја опишам случката, морам да признам дека еднаш, не така одамна, бев во врска со една жена, меѓутоа нашата врска пукна како меур од сапуница само затоа што некој ме беше искомпромитирал во нејзините очи, инаку таа никогаш немаше да дознае. Но дознала. Јас напишав неколку, според мене, значајни описи, во едно наше списание со долга традиција наречено "Разгледи". Нив не ги потпишав со свое лично име и презиме туку со псевдоним, размислувајќ и за тоа дека "Разгледи" и така не дава хонорари и во врска со тоа се едно ми е дали ќе се дознае моето име или не. Двата компромитирачки описа се викаа "Балкански папучар" и "Македонски домазет". Точно е дека можев да ги сменам деловите од насловите, односно "Македонски папучар и Балкански домазет", но се одлучив за првата варијанта, сметајќи дека така полесно ќе можам да го опишам тоа што го мислам. Еве извадоци од мојот опис со наслов "Балкански папучар": Јас сум еден обичен балкански папучар; ненастојч ив и помирлив, дрдорлив и непробирлив, моите раце се туѓи, мислите ми се скриени. И ако кој било од вас, под какви и да е околности помислил дека сум занаетлија, се излажал бидејќи, има голема разлика меѓу зборот папуџија и папучар. Првиот термин подразбира еснаф, дуќан, фирма, капиџик, порта, излог. Освен тоа, во тој контекст ќе моравте мене да ме замислите како човек мајстор којшто изработува папучи за туѓи интереси, а не само за сопствени. Потоа, тие папучи ги продава, заработува пари, а тие пари понатаму ги инвестира во осовременувањето на папучите. Се разбира дека дел од тие пари ќе ги задржи како профит. Камо среќа да бев таков! ќе си станев рано на сабајле, жена ми веќе ќе ми имаше подготвено татли-кафе со локум и уште така нестанат, неизмиен, неиспрден, така лежејќи во креветот, ќе ми ги постелеше до мене. Јас лека-полека со едната рака ќе го земев локумот ќе го изедев и ќе се наежавев од благоста, па ќе си сркнев од кафето, додека жена ми ќе дотрчаше со сунѓерче натопено во млака вода (за да не ми престуди) и ќе ми ги замиеше очите за да се расонам. Е, сетне ќе ми ги донесеше папучите и пљачките до креветот и ќе излезеше од соба. Јас, откако ќе се облечев и ќе си го почешав мевот, ќе отидев в дуќан, ќе отворев додека калфите и чираците нестрпливо ќе ме чекаа. И така ќе почнеше работниот ден. Моите чираци ќе правеа папучи, а јас ќе одев во најблиската меана да го правам есапот. А кога ќе се вратев дома... ех, кога ќе се вратев дома, жена ми со тенџере со млака вода ќе ми ги истриеше стапалата, ќе ми облечеше нови чорапи, нови папучи: се на се - вистинска дома- ќинка! Откако ќе ми се потстоплеа глуждовите и петиците, ќе станев и ќе се доближев до масата на која веќе ќе беа поставени најубавите сарми и бокалот рујно вино. Јас ќе се изнајадев додека таа ќе ми се пулеше насмеана в лице. Потоа веројатно ќе ми речеше: "Легни си сега стопане почини си, затоа што вечер те чекаат пријателите во меаната за да играте карти". Навечер, пак, кога полупијан ќе се вратев дома, домакинката веќе ќе имаше сплетено милје од слатки сништа, ќе ми ја земеше тешката глава, ќе ми ја постелеше на меката перница и ќе ми посакаше лесни сништа и убав одмор зашто следниот ден повторно се одново ќе почне.. Ех! Но наместо сево ова, јас сум сосема спротивното. Не само што не сум занаетчија и еснаф човек, туку напротив, јас сум, по се изгледа, психолош ки растроена личност која треба да се лекува, бидејќи се нешто ми паѓа на ум последниве денови. Како папучар сум се докажал многупати во следниве дисциплини: експресно миење садови, бришење со правосмукалка на дваесет метри со пречки, пружање алишта без да бидат закачени со штипки, готвење вкусни јадења со неверојатна рамотежа меѓу соленото и несоленото. Како што насекаде по светот се здружуваат истомисленици, јас со неколкумина такви како мене, почнав да се дружам, на почеток во мали групички, а потоа во клуб или здружение на обесправени мажи. Бевме на почетокот неуки и не знаевме како да се излекуваме од нашите комплекси се додека спонтано не се појави терапијата. По углед на слични такви дружби од западна провиниенција ние, всушност, почнавме да инсценираме домашни ситуации во кои ние, мажите, сме обесправени и малтертирани. Во прилог на што е можно поуспешната изведба, некои од нас доброволно се преправаа во сопруги, а за тоа вложуваа голем и несебичен напор. Еве еден таков случај. Мажот доаѓа дома, дома ситуацијата - хаотична, садовите неизмиени, алиштата расфрлани, деца врескаат. Жена му ја нема никаде. Тој чека, чека и по многу часови чекање, ете ти ја жената се враќа нервозна. - Жено, па што се случило? Каде си досега? - ќути, се заебав! - вели жената раскопчувајќи го палтото, фрлајќи ги угоре чевлите со високи потпетици, соблекувајќи ја кошулата. За тоа време нередот станува уште поголем, мажот го фаќа бес и паника. Не е свикнат на ваква ситуација и нервозно си ги крши прстите. - Како мислиш - си се заебала? - вели мажот приклучувајќи се кон уличниот жаргон на невестата. - Така убаво, исто како ти кога ќе дојдеш дома натрескан и јас те прашувам каде си до сега, а ти ми велиш : ќути, жено се запив!!! Е па јас се заебав!!!! Мажот останува (буш бе!) не знае како да реагира додека жена му си свирка. Помислува да употреби физичка сила, но ние присутните пријатели го спречуваме агресивниот напад и го потсетуваме актерот дека жена му не е, всушност, неговата жена туку е неговиот пријател Тошо којшто ја игра улогата на неговата жена и дека тој треба малку да се смири. Човекот, откако ја согледува ситуацијата, се потсмирува, омекнува малку и потоа сите со задоволство констатираме дека тој се исчистил од опседнатоста и дека сега може разумно да размислува. По смирувањето на атмосферата присутните почнуваат еден по еден да викаат: О! О! и се развива дискусија која отприлика звучи вака: Зарем е тоа можно! Каква женска непослушност, каква неверојатна дрскост, па таа, односно тие, не ја заслужуваат воопшто нашата поддршка! Па тие да ти биле сосема расипани! Замисли како враќаат! Така ли се враќа на добрината на мажот, така ли? И така натаму. Ние папучарите сме изроди. Имаме долги уши и куси опашки за да може полесно да ни се стигне до газот. Таа е телевизиска водителка: градска, раскошна, привлечна, со вешто скриени провинциски манири. Таа е возбудлива, мене ме занесе на прв поглед, таа е славна, но сепак... Води енергич ен живот, ја води водата на своја воденица, ме води мене за узди, ги води уздите со себе. Таа е собарка; ја раскренува заедничката постела уште пред да си легнеме; таа е бела вдовица, со уште побел сопруг, јас сум пајак кој бега од нејзините доблести. Би сакал следнава половина од животот да си ја поминам, во немиење садови, во неготвење вечера, непружање алишта, неправење нешто што не спаѓа во мојот домен. Би сакал сиве овие работи да не ми се додаваат на оние работи кои таа не може да ги работи како што се мешање малтер, цепење дрва, градење куќи, кревање вреќи со цемент, молеро-фарбарски услуги и ред други работи, а да не зборувам за војувањето. Во последно време ме мачи една мисла. Имено, слушнав некаде дека за мали пари може преку најразлични медиуми да се набави тајландска жена (Тајланѓанка). Предноста на Тајланѓанката над Македонката е во тоа што таа, затоа што не го знае јазикот, барем првите три години ќе молчи, што во секој случај е во согласност со нашата народна традиција. Имам слушнато дека општа карактеристика на Тајланѓанките е тоа што тие и доброволно се готови да молчат само да се спасат од Азија и да дојдат во Европа. Точно е дека може да ми се падне и некоја со послободна професија, да не речам уличарка, но тоа нема никаква врска бидејќи овде и така никој нема да ја познае. Проблемот е само во тоа што таа кога-тогаш ќе се разработи... Значи ова е во врска со првиот опис. А сега да видиме што вели описот под наслов "Балкански домазет". Балканскиот домазет е посебен човек. Нема јајца, лицето му е пудросано како на бебе, добро му стои цуцла и главната девиза во животот му е "наведната глава сабја не ја сече". Балканскиот домазет се разликува од францускиот и германскиот по следниве карактеристики: додека францускиот е љубовџија, а германскиот среброљубив, балканскиот е хипохондрик; додека на францускиот ситуацијата му служи за подмачкување на суетата, а на германскиот за продлабочување на поганството, на балканскиот стравот му го закрепнува карактерот. Можам уште многу карактеристики да набројувам, меѓутоа главното, сепак, не го кажав: додека францускиот и германскиот се држат за себе, балканскиот се држи за други, или обратно, веќе не се сеќавам многу добро. Ако балканскиот домазет има некое хоби, да речеме лепење плочки, тој се двоуми, тој е во небрано, тој не знае дали навистина треба да ги залепи неговите нови плочки во бањата, бидејќи утре некој може да му каже - марш од мојата куќа бездушнику еден...? И да не должам понатаму, доволно беше. Не можам со сигурност да тврдам дека овие два текста, односно описа се главната и најсилна причина таа да ме напушти, но се сомневам дека овие два текста беа последните два проценти нервоза што и ги додадов на тие деведесет и осум претходно. Како и да е, судејќи по караницата која настана, овие описи станале повод а причините имале подлабок корен. Ми остана уште една мала неразјаснета енигма која се однесува на прашањето, како можела таа да дознае дека токму јас сум ги напишал овие два текста кога тие се потпишани со псевдоним? Решението го најдов во фрлање на вината врз уредникот на списанието или на некој негов близок соработник кому, веројатно, сум му се замерил претходно со нешто многу големо. Јас не знам некому да сум му се замерил со нешто освен со опишување. А и тоа не е замерување туку толкување на работите. Според моите скромни но аналитички размислувања единствено тој или тие знаеја за тоа дека јас сум тој што ги напишал описите, бидејќи - ете ти непромисленост - лично ги носев текстовите во редакцијата. Понатаму ми се јави и помислата дека таа можеби и не ги добила информациите од редакцијата туку ги пронашла во купот хартии што ми лежеа на работната маса. Се разбира дека требаше да ги уништам дупликатите, но еден ум имам. И што се случи, таа во овие два описа се виде себеси опишана како вештерка, како аждер, како цел кон која се стремат моите убиствени намери. Веројатно почувствувала некаков страв бидејќи почна чудно да се однесува и да ме исклучува од нејзиниот свет, а мојот страв, особено се засили откако прочитав дека токму пред некој ден една жена го турнала од балкон својот сопруг само затоа што тој самоиницијативно и без консултации ја сменил програмата на телевизорот. Ако жена може да турне маж од балкон за таква мала работа, тогаш за такви гадости како што ги беше нарекла таа моите описи, таа би можела да ме распне и да ми ја дере кожата. И така таа си отиде... Опишувањето е посилно од животот. Што било - било, но јас во тој вакуум, додека не се смириме повторно, инспирацијата си ја најдов во жената од карши: таа сенка минлива, таа кајсија недозреана, таа песна неиспеана. Жената чија сенка беше заглавена во рамката на прозорецот од карши и која веќе еднаш ја спомнав, повторно се појави. И тоа во мигот кога, ако не постоеш е опишувањето, ќе кренев рака на себе. Нејзините раце на дневната светлина изгледаа долги, како и нејзиното чело. Застанав до прозорецот и погледнав кон неа. Таа исто така ме гледаше. Постоеше голема веројатност дека и двајцата се гледавме веќе подолго време. Грација. Се заљубувам, дишам, не можам да дишам, таа не се трга, мислите ми летаат преку прозорецот, се качуваат врз плеќите на орелот од долната земја. Однеси ми го погледот кај неа. Добро - вели - само треба да ме храниш, инаку ќе те фрлам. Не ме фрлај, ќе те хранам со се што сакаш. Сакам со чисти мисли, со јасни погледи, со двогледи од дланки, со безгранични зборови, со убавина. Дај ми да пијам реки и езера, мисли и потоци. Птичиштето ги зеде моите мисли на својот грб, ги фати, ги врза. Таа излезе од смртната земја, само малку стоеше до прозорецот, потоа ги зеде и и ги однесе. Лета бавно, тромаво, можеби без никаква желба, можеби со малку инает што е вознемирена. Лета целно а сепак незаинтересирано. Стигна до нејзиниот прозорец, таа го отвори и ги пружи сенишните раце. Ја дофати птицата, не како орел, туку како гулаб, ги зеде мислите и направи неколку потези околу својата глава како да ги внесува внатре. Долго се гледавме. Таа сениште, јас сенишник. Доблести. Дали таа може да ми ги прими пораките? Јас никогаш не сум бил прозорски вљубеник, но нешто ме тераше и тоа да го правам. Се разбира, почнав редовно да ги опишувам нејзините прозорски покажувања. Прво ретко, па се почесто, за на крајот да заклучам дека таа намерно се појавува заради мене. Се обидов да стражарам дванаесет часа по ред за да запишам нешто за луѓето кои живеат со неа, за начинот на нивното однесување. Ме фаќа паника додека ја гледам и додека авионите ниско летаат. Си мислам, можеби ќе падне некоја крстосувачка ракета и ќе ја прекине оваа идила. Значи, не успевам да забележам ништо вредно, ништо импознатно во врска со нејзиното семејство. Впрочем, со денови нема никој, потоа се појавува некој човек, седат карши-карши на масата и гледаат телевизија, ништо. Разговаараат нешто, мавтаат со рацете, гестикулираат, небаре се караат. Јас почнувам да се вљубувам и ми пречи тоа што таа се кара. Потоа мажот си оди и таа веднаш го отвора прозорецот. Се заглавува во рамката и молчи. Долго ме гледа, јас се чешам и не знам што да правам. Така многу денови по ред, додека желбата за јавно опишување или опишување на јавноста се повеќе ми исчезнува и веќе немам никаква желба да опишувам, освен можеби нејзините сенишни движења, освен можеби, внатрешниот немир и стравот што ме тера да опишувам и на тој начин да се спасам од депресијата. Вакво прозорско надгледување не сум правел од детството. Но никогаш не е доцна, особено кога постојат заеднички знаци и симболи. Јас собрав храброст, мавнав со раката од далеку, таа ми возврати, срамежливо. Почна нашето дружење. Ја завикав Грација, поради грациозноста на движењата со кои ме обземаше. Чудно, не беше никаво време за интимни средби. Ги познавав само нејзините контури, само нејзината сенка. Не знаев точно како изгледа, ниту дали е убава. А сепак се почувствував вљубен со самото тоа што е жена. Подетаљно анализирајќи се, сфатив дека не се вљубив толку во неа, колку во потребата некој да ме сака, и ако е возможно за секогаш да ме оттргне од опишувањето. Да се лекувам на друг начин, со љубов, а не со опишување. Затоа, небаре некаква судбина, целата надеж ја фрлив врз Грација. Почнав да правам планови како да ја достигнам и како подобро да ја разберам. Затоа почнав секојдневно да ги опишувам нејзините движења низ собата, нејзините отсуства, нејзините бестелесни појавувања на прозорецот, нејзиното однесување рано наутро, доцна вечер. Почнав да го опишувам нејзиниот празен стан, нејзината трпезариска маса, ќилимите, децата на кои им се гледаа само врвовите на главите, мажот што нервозно ја трескаше масата. Почнав да го градам нејзиниот свет за кој ни таа самата не е свесна дека постои. И колку повеќе опишував, толку ми беше полесно на душата, колку повеќе ја доближував до себе, толку повеќе го оддалеч ував опишувањето и обратно. Ја опишав како една современа македонска жена, која на крајот од краиштата, претрпува психички растројства како резултат од тепањето и малтретирањето на нејзиниот љубоморен маж. Неа ја нареков Султана за да ја скријам нејзината грациозност поради која само за себе ја бев нарекол Грација. Не се случи тоа наеднаш преку ноќ, туку постепено со најразличен интензитет во текот на повеќе - мислам дека десеттина - години за време на кои таа успеа, како-така, да одгледа две малолетни деца. се започна кога Зоран - нејзиниот сопруг - почна да добива анонимни описи кои, демек, му ги праќа еден негов добронамерник и во кои неговата жена е прикажана како еманципирана и слободоумна жена, која релаксацијата од секојдневните напори што ги нуди делникот ги наоѓа во прегратките на еден за него анонимен, но превртлив маж. Нивните средби биле таинствени, нередовни, но добро испланирани. Нејзината коса мека и во далги далги го покривала лицето и горниот дел од телото на анонимниот маж, чии прсти внимавале во љубовниот занес да не остават траги по нејзиното бело тело. Без никакво објаснување, без да каже барем за описот или, пак, да се распраша околу вистината, Зоран ја клоцна Султана со војничките чизми во пределот на слабините, додека таа клекната го рибаше килимот пред нивната куќа заедно со двете деца. Таа падна ничкум и почна да вреска од болка. На нејзините деца толку им требаше - почнаа да врескаат. Тој не рече ништо, не даде никакво објаснување, само си го зеде палтото и излезе надвор. Не се врати два дена, два дена во кои Султана не се обидуваше да ги промисли причините за нападот врз неа, сметајќи дека мажот сигурно има добра причина за тоа што го сторил. Особено што не бил пијан. Веројатно некаде згрешила. Описите станаа почести, подлабоки, пошироки, појасни. Анонимниот пријател на семејството, во прилог на тоа што го зборува, успеа да исфотокопира едно писмо кое беше сведоштво за тоа што го зборува. Тој опис не ја воспева убавината на Султана ниту пак ја споредува со божица, попрво може да се каже дека зборува обични работи кои, всушност и не можеле да се случат ако таа не била заедно со тој и тој. Следниот удар Султана го доби по лицето, веднаш над десната веѓа и падна со тилот на фотелјата. Овојпат доби објаснување од Зоран, ама беше во несвестица долго време, та не можеше да го разбере. Неколку дена по оваа случка, таа исчезна од дома. Тие што ја виделе му ја опишаа на Зорана како босонога Турчинка, која ита во насока на пазарот. Нејзините раце беа модри а кожата водена. Тоа беше почетокот на неговата нервна но и пијана криза. Ја најде кај нејзини далечни роднини во мала празна одаја, задкуќи, облечена во тесен црвен фустан. На нозете имаше високи потпетици а косата и беше исчешлана поинаку. Тој ја замоли да се врати, да стане повторно мајка на неговите деца; озгора и призна дека описите престанаа да доаѓаат и нејверојатно се описи на човек или жена што сака да им го сотре семејството, што им мисли зло, што сака од непознати причини да им напакости. Ја молеше да му прости што ја удри, си ја призна вината и и вети дека никогаш повеќе нема да ја тепа и дека дури и да стигнат во иднина такви описи, тој ќе знае дека тие се наместени од некого и нема да ги сфаќа веродостојно. Таа попушти, а потоа дојде зимата. Следната пролет работите таман се беа подзаборавиле, кога една рисјанка по име Павлина која лежела в болница два месеци поради воспаление на мозокот, го сретна Зорана на една другарска вечер полупијан и сосема неврзано му кажа, без да знае што зборува, дека Султана, има друг и дека со него одвреме-навреме, нередовно но секогаш добро испланирано се среќава. На човекот почнаа кругови да му летаат во очите, шарени, бели, црни. Кога дојде дома, прво што направи ја удри Султана озгора удолу со тупаница по темето и таа клекна наземи. Потоа ја праша дали ја знае таа и таа жена Павлина на што таа одговори - не. Потоа ја удираше се додека не призна. Многумина се прашуваат дали признавањето во ваквите случаи е претставник на вистината или на лагата. Таа вечер Султана повторно избега од дома, оставајќи ги двете деца, а тој се налока три до четири литри вино и заспа. Овојпат не тагуваше многу по Султана и ја донесе дома Павлина која секогаш го дочеку- ваше со литар бело и литар кисела вода - пијалак од кој се превртува утробата и се добиваат халуцинации. Со неа тој по цели ноќи лумпуваше и го замислуваше светот како балон што се дува пред очите на неговите деца, додека Павлина гола шета по дворот. По некое време рисјанката си замина во непозната насока а тој не се обиде да ја побара, бидејќи секогаш кога мислите не му пливаа во вино, му го исполнуваа телото на Султана. Описи продолжија да стигнуваат, навистина поретко но сепак ги имаше. Во нив Султана се опишуваше како разумна жена која знае што сака од животот, како расна кобила која издржува јадри коњски копита. Нејзината става беше невешто, но сепак убедливо споредена со камениот мост над Вардар, а нејзината сила со самата река. Ова беше доволно љубомората повторно да му ја јаде душата, да му го распарчи срцето со кучешки секачи, да му ги ослепи очите однатре, а да му ги прогледа слепите очи отстрана. Тој стана вулкан, ѕвер, кој сакаше да пие крв, бик кој сакаше да боде. Од сето тоа, тој стана само алкохоличар. Ги зеде писмата, ги однесе на психијатар и тој му рече дека не треба толку да се грижи, туку треба да ги земе предвид следниве работи: Прво, најверојатно жената на која и скиснало да биде третирана како предмет во куќата решила да си ја преземе судбината во сопствени раце и затоа самата таа си ги праќала анонимните писма до мажот од името на друг маж. Со тоа таа сака да си ја поврати самодовербата, а во неговите очи да не изгледа само како раскравена домаќинка, туку како жена која не само што е способна да биде столб на куќата, туку и како жена која може да биде посакувана од други. Второ, постои и можност описите да ги праќа самиот тој до самиот себе. Како? Во состојба на пијани халуцинации во кои ја замислува неа како му се предава на друг, како го опкружува со долгите тенки нозе, како му ги турка рацете меѓу нозе, како го покрива со косата. Зошто? За да си ги задоволи потиснатите перверзни мечтаења кои се толку силни, што во даден миг описите навистина ги разбира како описи на друг маж упатени до сопствената жена. Добро, а постои ли можност ниту едното ниту другото да не биде вистина, туку навистина да постои некој вистински маж кој вистински е во врска со неговата сопруга? Малку е веројатно, земајќи го предвид неговото несреќно и исфрустрирано детство како и нејзината желба за еманципација. Зоран се замисли и не ги однесе описите во полиција затоа што полицијата можеше да постави заседа и навистина да го фати него како ги пишува описите и да добие казна затвор. Земајќи ги како можни и вистински кажувањата на психијатарот, тој реши, по секоја цена, да ја најде и да и каже за ова што го дознал. Потоа се опи и легна да спие. Долга беше потерата по Султана. Цели недели, месеци. Дојде летото, прашината почна да ги нагризува белите дробови на дишачите, градот почна да се топи и да исчезнува. Попусти беа обидите на психијатарот да ја насочи истрагата кон субјективното, затоа што еден ден сосем случајно го начека него со неа. Не дочека ништо да му се објаснува, крвта му завре како на развратен бик, му скокна и со еден удар го онесвести, а потоа и се фрли нејзе. Ја тепаше безмалку цел ден. Приквечер си отиде и ја остави да лежи покрај нејзиниот љубовник. Работеше чисто и уредно. Никаде не остави ниту трага на надворешно крварење, само внатрешно. Таа беше потоа префрлена во болница, а тој во затвор. Кога по неколку месеци излезе од болницата, двете нејзини деца се стрчаа да ја гушнат, но таа ниту можеше да ги слушне ниту да им каже колку ги сака - беше глувонема. Ете така ја опишав животната приказна на Грација, жената - сенка од соседниот прозорец, за која мојот интерес растеше од ден на ден се повеќе, со самото тоа што очигледно беше дека и таа покажува определен интерес кон мене, инаку зошто би седела заглавена во рамката на прозорецот гледајќи кон мене? Повеќе како лесна обврска отколку како задача што морам да ја исполнам, решив да и пристапам. Првиот чекор го преземав едно утро, рано, беше зора, изгрев, создавање на светот, миг кога вообичаено ние двајцата излегувавме на нашите прозорци, се гледавме, а потоа си мавтавме со рацете. Всушност воспоставивме некаков ритам на меѓусебно гледање што имаше ваква структура: зори, тринаесет часот, попладне и залез. Понекогаш тоа го правевме и на полноќ, но тоа беа само нашите сенки кои лудо танцуваа по ѕидовите на зградите. Значи, тоа утро пенџерињата беа замаглени, таа штотуку беше станала. Со големи бројки на замагленото стакло го напишав телефонскиот број, седнав до телефонот и почнав да чекам. Можев слободно да чекам уште дваесет и две години. Ништо не се случи, таа не се јави. Го отворив прозорецот, таа гледаше наваму, јас натаму, потоа со прст и го покажав бројот, таа одмавна со глава. Потоа сфатив каква глупост направив, го бев напишал бројот така како што се пишува на хартија, а не на прозорец. Требало инверзно. Ништо, испарила маглата. Следното утро повторно се обидов, но овојпат поучен од претходното искуство, го напишав бројот обратно. Таа долго ме гледаше. Седнав до телефонот и чекав. Можев слободно да чекам уште неколку години. Таа повторно ми одмавна со главата. Почнав да ја опишувам нејзината тврдоглавост, ароганција, нејзината женска суета, нејзините крилја кои намерно се размавтуваат наоколу, а кога треба некого да понесат никаде ги нема. Почна да ме мачи. Грација. Мачителка. Сениште. Не знаев ни дали е убава, само дека има долги коси. Ова е љубовна, вистинска приказна, во која се заљубив во самиот себе. Ги свиткав надежите во ролна и си ги ставив под мишка. Мислев да ги отворам другпат. Другиот пат, се појави заедно со идејата да ја следам и да ја начекам долу пред скалите на појавување на излегување, на одење некаде, на враќање. Но тоа значеше дека треба да стражарам дваесет и четири часа и половина. Но бидејќи ова е вистинска љубовна приказна, се решив и на тој чекор. Чекорот не ми беше успешен. Таа ниту излегуваше, ниту влегуваше. Само од прозорецот се надгледуваше. И праќав знаци, и праќав сигнали, да се симне долу да се запознаеме. Чудна ли жена?!? Можеби е верна. Ама ако е верна, зошто ми мавта со сенишните раце и зошто ми се смее? Го зедов мојот двоглед од дланки, двогледот на вистината. Почнав да добивам сексуални фантазии, но нема да ги опишувам затоа што само ќе навлезам во клишеа. Во меѓувреме бев заборавил на високите хонорари што требаше да ми пристигнат од опишувањето на свадбата и на сликата од Мартиноски. Почнав активно да работам на Грација. Ја пресметав позицијата на прозорецот во кон- текстот на зградата и со математичка прецизност успеав да ја дознам локацијата на станот. Потоа и бројот на вратата. Неколку пати поминав покрај вратата и застанував за да ги врзам чевлите. Од внатре ништо не се слушаше, никаков шум, никаков знак, никаква птица преселница, никакво лаење на куче. Немав храброст за ништо повеќе, па продолжив наназад до дома. Ја дознав точната адреса, но немаше телефонски број. Комуникација, ах таа комуникација. Како да ја остварам а да не се повредам? Ја сретнав еден ден како трчајќи се враќаше од некаде. Ме беше забележала и ќе се испокршеше за да избега. Почнав да викам по неа: госпоѓице, госпоѓице, таа не ме слушна, јас се затрчав по неа во влезот; се плашев, а во исто време решив се да фрлам на една карта, госпоѓице, и велам, не бегајте, јас сум вашиот сосед од соседниот прозорец, чекајте, Ве молам. Таа и понатаму бега, ама нема каде, застанува пред лифтот и јас застанувам пред лифтот и ја гледам право в очи. Таа ме погледнува право в очи, ги крева рацете кон сопствената уста и ги удира нежно два три пати усните и мавнува лево - десно со главата. Беше глувонема. Моите описи не се занимаваат никогаш со пророштва, дури и да се случи нешто слично, тоа не го разбирам како пророштво, туку повеќе како интуиција, како моќ на описот само со помош на неговиот формализам да навлезе во суштината. Затоа не се изненадив многу кога во Грација ја препознав Султана. Може да се каже дури и дека се израдував. Се разбира не се радував на нејзината судбина, туку повеќе на мојата способност. Фактички таа страшно ме потсети на некого, поточно на нешто што го имав доживеано одамна, а сега како осило болно ме дупеше однатре. Многу години пред да ја запознам Грација, татко ми направи еден портрет, една биста од теракота која ја нарече Глувонемата. Основната порака на портретот беше дека на лицето на секој човек можат да се познаат скриените особености па дури и карактеристики. Портретот имаше собрани дебели усни како на црнец, меко набрани веѓи и небаре испотено чело, висок тил и високи уши. Не знам зошто, но секој кој однапред би го дознал името на портретот, односно Глувонемата би очекувал таквиот портрет да има тенки усни, одвај забележливи, мали уши покриени со коса, полузамиж ени очи. Со еден збор, закржлавени говорнослуш ни органи. Но во овој случај токму тие се предимензионирани. И не бесправно. Имаше нешто на тоа глинено лице, нешто што потсетува на мудроста на фетусот, на тишината од преднаталниот период, на темнината на утробата на постоење на универзални концепти се уште непознати за човештвото, на јазик пред јазикот. Каква величествена контемплација. Каков мир, каква тишина. Јас не знаев како се вика жената со глиненото лице, кога почнав да и ги доверувам своите најголеми тајни. Ја викав Глуварче, ги милував со прстињата контурите на носот, на очите, на месестите усни. Ми се допаѓаше, тоа беше првичната вистинска љубов на светот. Се плашев преку допирањето да не и ги излупам местата патинирани со зелена боја, зад која ѕиркаше црвенкавата боја на глината. Мислев дека ми ги мисли мислите. Тоа го чувтствував гледајќи ја како ме гледа со земјените очи. Тие, очите беа единствените кои зборуваа со мене. Глинен поглед. Само земјата може, како што вели човековото уметничко искуство, да ја сочува тишината. Другите материјали не можат: дрвото зборува, на металот му е сеедно... Таа глувонемата ми ги кажуваше тајните на светот преку моето допирање на нејзиното битие. Таа беше онаа на која можев да и кажам се и која не мораше понатаму никому да каже. Така ми помина голем дел од детството. Сега се чини дека таа глинена жена оживеа, дека повторно се појави, дека ме следеше постојано и дека конечно сме заедно. Тоа беше тоа што ме тераше кон неа. Затоа се вљубив во жената сениште од прозоре- цот од спротивната зграда. Грација. Нејзините пратки и пораки беа ветровите, птиците нејзини другарки, тишината и беше маќеа. Нејзината става беше вообличена по примерот на изразите. Движењата на телото и беа насилни и прекрасни, очите беа создадени за праќање и примање птици. Пеперутки и инсекти и летаа околу главата. Тие беа мисли. Беше среќна без да знае, бидејќи не се пресметуваше со насилни звуци. Таа беше мирна, додека другите се плашеа од звукот на авионите што ги бомбардираат сетилата. Многу години треба да поминат за спокојот повторно да надвладее, спокој што се гради со децении, а се урива за миг. Грација беше прекрасен израз на спокој наместо неспокојот, посебното наместо општото, природно наместо вулгарно. Птиците надоаѓаа од сите страни. Таа ги чуваше за себе, не ги даваше никому, ги хранеше со емоции, во посебни кафези. Станот и беше полн со измислени кафези. Беше единствената жена на свет чија женственост може да прими вистински приказни, чие сениште не може да ја одделува вистината од невистината. Таа беше вистинската невеста за вистинска љубовна приказна. Разбрав дека нејзе можам да и ја опишам природата, животните, без оптоварување, можам да разговарам со неа за нешто друго, значи нема теледиригирани бомби, нема авиони, хеликоптери, секири, пиштоли, мечови, нема невидливи проектили, нема има. Затоа, кога дознав за неа дознав и за вистината на мојата приказна. И така. Во Грација ја открив својата врата, својот излез кон вселенската вистина кон вечноста. Таа беше онаа личност на која можев да и се доверам без да ме повреди. Јас бев за неа човек кој можеше да и опишува без да ја повреди. Можев да и зборувам со часови, така налактен на прозорецот додека ја гледав како се чешла, можев да ја прашувам илјадници прашања, а таа да одговара на нив само со присуство. Таа во себе длабоко го криеше идеалот на современата вистина, нужноста на иднината, спасот на човештвото. Токму затоа - благодарам боже, ниту таа ме напушти, ниту јас ја оставив. Сакаш ли да те забавувам со лажни приказни, и реков еднаш. Сакам - ми вели таа од нејзиниот прозорец. Сакаш ли да ти кажувам смешни приказни? Сакам - вели. Се колнеш дека нема никому да кажеш? Се колнам. Дури ако ти ја откријам вистината дека цел ден и цела ноќ брмчат летала над нашите глави и сеат страв? Дури. Дури и ако ти опишам случки што на други места ми ги сметаа за невистини? Дури. И каква полза ќе имаш од нив? ќе се забавуваш? ќе се смееш? Нема да се забавувам и нема да се смеам. Само ќе молчам и ќе те слушам. Всушност и не можам поинаку. ќе се обидам да го разберам вистинскиот свет, само ако ти сакаш да ми го опишеш. Сакаш ли да ти ја опишам кратката историја на ѕвуците? Сакам. А ако на крајот бидат толку силни и неподносливи што нема да можеш да издржиш? Ако. Следниот ден и го напишав сево ова на едно ливче, ја почекав надвор во определено време и и го дадов. Откако го прочита, таа ми ги зеде дланките и ми ги стави на нејзините гради. Си помислив дека се вмешав во некој црно бел филм. Но не. На мое големо изненадување во длабочините на нејзините гради се слушаше тапиот звук на мировните сили, одбранбените воени хеликоптери, еколошките куршуми кои, вистина е, убиваат луѓе но важно е што не и штетат на природата и имаат својство многу брзо да се распаѓаат; бомби кои не се штетни за човековото здравје. Ни трага од срце. Има пулсирања, но не срцеви туку тапи бомби, бомбардирања. Ме погледна и ми рече - ако запре моево срце, дали ќе запре и светот? Јас претпоставував дека нема, затоа што оваа магија може само да се однесува, односно да се применува во односот човек-човек но никако човек-метал. Затоа, велам, не запирај го срцето, со тоа нема ништо да направиш. Знам дека можеби не е пристојно, но и подарив еден опис, со кој сакав да осознае дека таа е единствената личност на која можев да и се доверам, на која можев да и кажам се што мислам. Дека таа е единствената чија грациозност ќе ја разбере мојата достоинственост. Крадешкум, едно утро ја дочекав кога излегуваше и и го тутнав во рака. Таа се возбуди и одмавна лево десно со главата, го зеде писмото и се оддалечи погледнувајќи назад некој да не ја види. Вака изгледаше мојот опис: "Изнајмив замок на дното на морето. Те одведов во најубавата соба со стаклен покрив и со поглед на најблискиот подводен корален брег. Цел ден те држев в прегратки. Над нашите глави пливаа риби, морски коњчиња, бротски пропелери, подморници; ползеа под нас ракчињата. Пропелерите ја матеа водата и не се гледаше толку убаво коралниот брег. Приквечер си легнувавме со погледот кон стаклениот таван и чекавме да се стемни. Темницата доаѓаше во порои и во бранови, озгора надолу, како сценско перде зад кое артистите водат заморна и испотена љубов. Ти со нозете качени на реквизитите, јас коленичејќи на куп пластич ни каблови. Потоа ти се уплаши и ми ги стегна ушите во сопствените дланки. Веројатно од темницата што надоаѓаше. Изнајмив црква на еден висок рид. Те гушкав во напливот на звукот на камбаните кои го камбанисуваа доаѓањето на зимата. Легнавме на кревет во вид на крст; јас бев исток-запад, а ти север-југ. Јас со лицето кон камбаните, ти со лицето кон гробовите. Средината ни беа стомаците топли како пресни кравајчиња, што се чадат кога ќе се распукаат. Ти можеше да видиш дека во далечината светат светилките на некое село, но не можеше да слушнеш дека еден миг потоа тоа село го снема. Потоа ги сменивме положбите; ти беше истокзапад, а јас другото. И повторно истото чувство, само што овојпат, ти не ме стегаше за уши; не ти беше страв, само во твоите очи ја открив вистината. Изнајмив балон. Летнавме угоре носени од ветерот, а јас те држев за раце додека ти не ми велеше дека точно, го чувствуваш, студениот ветер како ти ја наежува кожата. Околу нас летаа љубовни птици со иста брзина како и балонот; затоа можевме долго да им ги гледаме крилјата, очите. Тие небаре стоеја. Едната од нив имаше бела гуша и тап поглед. Ниту еден миг не се сврте да не погледне. Балонот и птицата беа едно. Потоа дојде уште една птица која не забележа и ја викна онаа со белата гуша: "гледај ги, не им беше доволно стаклениот замок, ниту црквата на ридот, сега и небото го сакаат за себе!" А другата вели: "Пушти ги, гледаш дека се замаени!" По овој опис Грација повеќе не се појавуваше на прозорецот. Почнав да редам во себе причини: некој погрешно го беше поротолкувал овој опис како љубовен, па особено ако се работеше за некој од потесното нејзино семејство, сигурно ја беше казнил со неизлегување на прозорецот дваесет и четири часа. Ова е смешно, затоа што секој може да заклучи дека овој опис нема љубовна порака, дека воопшто нема порака, туку дека е единствен и јасен опис на една мечта, прочистен од сите пораки, симболи, алегории, метафори. Лошото е што луѓето сами создават проблеми од еден обичен опис. Имаат потреба, на овој или на оној начин, да го протолкуваат, да му дадат вакво или такво значење. Добро би било луѓето што не и дозволуваат на Грација веќе да излегува на прозорецот веднаш да ја ослободат од заробеништво и веднаш да разберат дека овој опис не треба вака или онака да се разбере, туку само како опис. Понатаму, една друга причина поврзана со нејзиното непојавување на прозорецот, можеше да биде таа самата. Можеби не и се допадна нејзиниот лик како е опишана, можеби не и се допадна моето однесување на дното на морето, во црквата, на небото. Можеби балонот не бил доволно шарен. Но јас воопшто не ја опишував нејзе ниту себе, само опишував едно чувство кое натежнува како сунѓер што впива вода. Ако опишав ситуација меѓу двајца, тоа не значи автоматски и ситуација меѓу мене и Грација, впрочем, јас ја имам само неколкупати видено и немам уште определено мислење за нејзе, во однос на убавината. Признавам само дека нејзините мавтања ми ја враќаат довербата, нејзината глувонемост ми ги поттикнува надежите дека, сепак, има луѓе кои и не мора да бидат психофизички малтретирани од вистината. Третата можност е да и се случило нешто што нема никаква врска со мојот опис и што ја оддалечило Грација од мојот видокруг. Но за оваа трета можност не можев ништо да дознам, освен од неа лично. Никаква интуиција, никаков опис во врска со ова не ми доаѓаше на ум. Некако, токму во времето кога ја запознав Грација, почнав да го пишувам и мојот мојот фамозен речник. ќе одделам малку време и за него, бидејќи и тој ми донесе колку задоволства толку и грижи. се ми се чини дека некому сум му се замерил со овој речник, инаку не ќе се случеа такви девијантни појави во мојот живот. Всушност, нема ништо поприродно, отколку на еден опишувач, кој последните години интензивно се занимава со опишување на нештата, да му се јави љубов кон описната лингвистиката. Со други зборови, нема ништо понормално отколку врската помеѓу еден опишувач и описната лингвистика. Нема да навлегувам во теориското дефинирање на предметот и на методите со кои се занимава описната лингвистика, вклучувајќи ја и етимологијата, затоа што опишувањето на непознатите или малку протолкуваните зборови, е повеќе практична отколку теориска потреба. А сега малку за зборовите. Обично се појавуваат оттаму од каде што најмалку ги очекуваме: од мувлосаните подруми, од прокиснатите тавани, од пресно избричените глави, од областа на женската еманципација, од снежните терени на човековата мудрост, од доблесните изливи, од политичките амбиции, од мегаломанските кафеани; доаѓаат со автобуси, со бродови, авиони, преку разгласни станици, преку радио и телевизиски бранови, скриени во таинствените прегради на ранците на странските туристи, со хидрометеоролош ките промени, преку мостови, реки, шуми... Едноставно доаѓаат. Во услови на неприродна експанзија на зборовите, главната задача на еден опишувач е да ја преземе работата во свои раце и да почне да го собира тоа збеснато трло, да го класифицира и на крај да го истриже. Значи, идејата за создавање речник беше присутна, но за реализацијата мораше да се почека поради неколку практични тешкотии што обично се појавуваат при подготвувањето на секој речник. Требаше прво да се одбере, односно да се дефинира, корпусот на материјалот од кој ќе се излачат новите зборови, а изборот падна на дневните весници. Потоа требаше да се постават два вида ограничување: временско и просторно, со чија помош ќе се елиминира опасноста да се талка по беспаќата на историските собитија. Одлуката падна на овие простори во период од последните години на дваесеттиот век. На почетокот не бев сигурен дали сум вистинскиот човек за ваква работа со оглед на тоа дека не сум професионален лингвист. Но имав точна претстава за тоа како би требало да изгледа и што да прави човекот кој би се зафатил со една таква работа. Тој треба внимателно да собира весници што не мораат да бидат од најнова провиниенција, што значи дека доаѓаат в предвид и весници стари по неколку дена, недели, месеци или години. Тие треба да се класифицираат според датуми и да се создаваат онолку купчиња весници колку што има на располагање датуми. Потоа треба да се листаат весниците, без некој посебен редослед да се набљудуваат највпечатливите и најмногу повторуваните зборови, па тие така збеснати да се препишат во некој таинствен тефтер. Тефтерот мора да биде ишпартан со црвена линија во средината на секој лист, што значи да потсетува на речник. Од левата страна треба да се напише најфреквентниот збор за тој ден, недела, или месец а од десната страна на линијата треба да се опише тој збор. Во описот не мора да се даде значењето на зборот, така како што го пишува во еден речник на зборови, туку да се опише неговата големина, дебелина и специфична тежина. Потоа треба да се кажат и кратки информаации за што служи тој збор и што воопшто може со него да се направи. Значи, бидејќи имав јасна претстава за тоа како треба да изгледа и што треба да прави еден опишувач на зборови, се впуштив во таа авантура која, морам да признам, набргу ја напуштив поради бесмисленоста на работата. Еве дел од тој речник: набљудувач - збор сличен на којшто со двоглед од дланки ја надгледува својата глувонема сакана од спротивниот прозорец. Набљудувач е човек којшто може да се сретне насекаде; всушност секој човек е набљудувач штом ќе ги отвори очите. Разликата меѓу гледач и набљудувач е тоа што за првиот обично се поврзуваат естетски категории гледање на уметнич ка претстава и др., додека за вториот, се поврзуваат повеќе психолошко-социолошки и општествени категории како што е, на пример, набљудување заради известување. Овој збор има под него две куки со чија помош може да го извлече набљудуваното на површината на стварноста. - верификатор - или проверувач, претствавува човек што ја проверува вистинитоста на нештата кои се надвор од општото искуство. Или пак термин обезбеден за луѓе што се во можност да го обликуваат општото искуство. Значи, тоа е една философска категорија која во слободен превод значи проверувач на објективната стварност. Со други зборови, овој збор е мошне тежок бидејќи има дури три висечки компоненти надолу што го спречува неговото повлекување нагоре. Предходниот збор многу тешко може да го извлече на површина овој збор, токму поради овие три тегови. Затоа може да се рече дека вистината на набљудуваното тешко се проверува. - екстрактор - или извлекувач, е збор кој се извлекува на површина многу полесно бидејќи има само две тежини удолу. Неговите предности се исти како кај набљудувачот: визуелни. Ова е многу убав збор и ако се гледа од определена оддалеч еност, личи на воз којшто е набљудуван од авион и којшто змиулесто се движи низ планинските теснеци. - човекови права, природна околина и еколошка средина. Овие неколку термини ги ставив заедно, затоа што просветлувањето во врска со нивното опишување беше толку силно што морав да дадам еден подолг опис. Еве го: Во последниве неколку недели работам на една социо-културна студија која, според моите длабоки уверувања, треба да даде одговор на неколку важни прашања од областа на секојдневието и слободното време како што се: 1. Општествениот статус и проституцијата 2. Семејството и болестите на субкултурните класи Всушност одговорите на двете прашања се заемно поврзани и не можат да се разгледуваат одделно. Некој ќе рече - па има веќе толку многу студии напишани на тема ороспиите и природната околина, што секој напис во таква насока би бил чисто повторување на фактите. Како да не! Како прво, се работи за ороспиите во земјите каде што човековите права се зависни од метеоролош ките услови, а како резултат на ова нивното расположение се менува во зависност од менувањето на природната околина. Морам да признам дека одговорите на овие прашања не ги знаев, ниту пак ги претчувствував. За потребите на проектот се спуштив во подземјето, таму каде што владеат совршениот ред и дисциплина, за да можам со сопствено искуство да ги решам дилемите на моите прашања. И што направив? Ја зедов првата Циганка што ја здогледав и за која не можев веднаш да констатирам дали е тоа што е, бидејќи беше многу скапо облечена. Моето неискусно око не ќе ја одделеше од другите минувачи, да не забележев еден детаљ: на челото ја имаше истетовирано буквата о. Ја зедов со себе, поточно таа ме зеде со себе и ме вовлече во една природна околина во која беше изместена еколошката рамнотежа со најразлич ни видови индустриски и биолошки отпадоци. Веднаш пристапи кон работата, а јас кон панично гледање лево-десно да не наиде полиција или слично нешто. Зошто не ми одговараше полиција? Затоа што бев општествено признат работник, хуманитарец и борец за туѓи човекови права. Ако ме фатеше полиција, додека да го открие мојот идентитет веќе ќе бев избламиран во јавноста. Се разбира, не ќе можев никому да му објаснам дека ова го правам со експериментални цели и мојата намера не е.... Не успеав да си ја довршам мислата, бидејќи ороспијата рече: "Ах, таа болест". "Ах, таа болест", прво ме потсети на еден расказ што го прочитав некогаш некаде во едно списание од еден петпарачки автор. Но не се работеше за иста таква болест каква што беше опишана во расказот. "Ах, таа болест" во овој случај беше поврзано со моите размислувања за општествената оправданост на мојот проект кој директно влијаеше, таа болест да биде очигледна. "Прв пат ли ти е?"- ме праша откако констатира дека имам некаква болест. Јас реков: да, и веќе се почувствував дека сум во рацете на некој искусен лекар кој штотуку ми констатирал некаква болест. Се разбира, прво помислив на најразличните болести што владеат со дваесеттиот век и кои се шират на ваков, би рекол еколошки начин, но кога се погледнав подобро, сфатив дека нејзината дијагноза се однесува на мојата физичка состојба. Значи два вида страв се појавуваат во ваквите нелегални околности: страв од губење на општествениот углед, што како консеквенца повлекува губење на општествената функција и страв од болеста. Контурите на мојот проект веќе ги бев оставил во мислите, но се прашував дали овој опит ќе биде доволен за да ги потврди моите надежи. Како и да е, се обидов да дадам една дефиниција за тоа што ми се случи, а таа гласеше некако вака: Под определени природни околности, во услови на изместена еколошка рамнотежа, човековите права и општествените функции се доведени во опасност поради "Ах таа болест". И така натаму. Понатаму, колку да воспоставам некаква комуникација меѓу сопствените идеи и јавноста, дел од овој речник го објавив во еден од локалните неделници кои излегуваа еднаш на две години. Беше тоа еден црно-бел весник на евтина сива хартија која главно донесуваше литературни текстови од непознати автори. Бидејќи мојот речник не го примија во ексклузивните елитни списанија, се обратив до неексклузивните и неелитните, односно до финансиски крајно нестабилните списанија и еден од нив ми излезе в пресрет, ветувајќи објавување на мојот текст некаде во блиска иднина, под услови да не барам хонорар. Бидејќи мене ми беше многу поважна славата отколку парите, се согласив иако однапред знаев дека овој мој речник има мали изгледи да допре до јавноста поради ниската оценка што во последно време ја имав на хиерархиската скала на писателите. Впрочем, опишувач и нема што да бара меѓу писателите. Освен тоа, јавноста многу повеќе сака да чита дела од познати и признати писатели отколку од анонимни опишувачи. Зошто? Од несигурност. Несигурноста на читателот во самиот себе, во способноста за самооценување. Таа пак, е резултат на недоволна самообразованост и љубопитност, која по дефиниција секогаш е насочена кон запознавање со непознати работи. Таа неспособност, создава бегство од одговорност. Бегањето од одговорноста, придонесува одговорноста да ја преземе друг човек или критичар кој рекол дека тој и тој човек е голем писател или опишувач. Со тоа, обичниот читател го потиснува чувството на тегобност што го обзема во врска со неспособноста за оценување. Штом некој автор е познат или признат од некого, читателот нема веќе потреба да го каже својот суд. Судот веќе е кажан, нему му останува само да се приклучи или да го игнорира таквиот суд. Никако да го критикува. Ете, затоа никој не го чита тој петпарачки неделник кој излегува дури и поретко отколку што споменав на почетокот. Како што се виде подоцна, секако дека постоеш е и определена група луѓе, определен круг или квадрат луѓе, кои под името МБИ (Македонска берза на идеи) беа ангажирани да ги следат и најмалите потреси на берзата на идеите, да известуваат за нив и ако се покажат некои идеи како неприфатливи за пошироката јавност, да ги елиминираат, или пак тоа да го сторат со нивниот носител. се ми се чини дека во МБИ, имало инфилтрирани набљудувачи и екстрактори, да не речам и верификатори, и дека токму ним не им се допадна речникот. Претпоставувам затоа што беа споменати во него. Тоа со сигурност го тврдам, бидејќи, откако по којзнае каква случајност речникот излезе од печат во есенскиот број на списанието, по неколку дена се случи еден инцидент кој немаше никакви шанси да прерасне во нешто поголемо. Инцидентот беше толку добро испланиран, толку драматичен и толку точно остварен што опишувачот, односно јас, имав повеќенеделни последици. Меѓутоа, додека се случи тој инцидент помина некое време па постојано се прашувам да не се собраа и некои други мои гревови? Еве, на пример, можеби некој некаде под некакви околности (некогаш во некоја особена околност можеби) го беше нашол мојот Делник на описи - дело кое не беше ниту планирано ниту претпоставено за објавување, печатење или слични јавни манифестации. Тоа беше Делник, бидејќи го пишував повеќе во делници отколку во празници и таму забележував работи кои беа својствени за мене и за моето опкружување. Но, работата е во тоа што со тој Делник не сакав никого да искривоколч ам, ниту да нанесам некому зло. Се опишував себеси, природата, настаните, можеби има некои општествени вулгарности но, бидејќи тој беше лично мој, не очекував некој да го најде. Но веројатно некој го беше нашол и инцидентот што ми се случи во голема мерка има добиено на тежина токму поради тој Делник. Делникот на еден опишувач, можам сега по толку време да го дадам на јавен увид секому, да го отворам пред јавноста па таа да види, да осознае дека во него нема ништо заради што може да бидам осуден или инцидентиран. Јас сум во состојба неколку описи, можеби малку повеќе описи да образложам, да ги препрочитам, можеби ќе ја најдам вистината, но таа се искри како светлина во водата, попусто ќе бидат сите обиди, ако посакате, не повеќе, тогаш барем еден миг да ја имате во дланката заедно со водата. Еве делови од тој Делник. Секое посебно поглавје е озаглавено со бројот на страницата од мојот тефтер во кој ги опишував настаните. стр. 93 Открив дека сум кождер, сосема случајно во моето рано детство кое, со исклучок на ова откритие, можам да го карактеризирам како нормално и среќно. Роден сум во северните области на Трансилванија, но по потекло не сум чист староседелец затоа што едната половина ми е среќна комбинација помеѓу јужнословенска ала и македонска ламја. Иако имам многу заедничко со локалното население, отсекогаш сум покажувал карактерни црти кои за другите биле повеќе помалку чудни или пак неприфатливи. На пример, неприфатливо или, пак, помалку прифатливо било еден кождер, или аждер како мене да нема вроден борбен инстинкт, да не поседува ниту најмала волја (наспроти името што го носев) да направи некоја пакост. Токму затоа моите родители ме дадоа кај еден стар оружар на име Ордог, да ме научи на борбените вештини, да ми го засили слабиот организам, да ме учи историја на семејството и да ме подготви за идните битки кои требаше понатаму да ги бијам. Договорот беше кога доволно ќе зајакнам и кога ќе бидам подготвен за историската борба, да дојдат да ме земат. Оружарот само потврди со главата и моите родители исчезнаа. Долго време не знаев против кого треба да ја водам конечната и воедно бескрајна битка, не знаев ни зошто од генерации до генерации ние сме тие лошите, а другите се добрите, иако гледано однатре ние кождерите не сме веќе тоа што сме биле и нашата денешна активност не се сведува на дерење кожи, туку само правење ситни пакости. Точно е дека со помош на тие ситни пакости се случуваат и големи бељи, но тоа е. Дека светците се нашите вечни непријатели разбрав еден ден додека заедно со оружарот јадевме вжештена жар. "Треба да се чуваш од св. Ѓорѓија" - ми рече и продолжи да јаде. Дел од моето образование претставуваше и посетата на средновековните манастири и византиските споменици, концентрирани главно на Балканскиот Полуостров. Во многу од овие градби, борбата на нашите роднини, стии, али, аждери и кождери со светците е сликовито прикажана на фрески. Тука, на ваквите места ја осознав својата судбина, постојано да губам и постојано јас да бидам лошиот. Има ли смисла, го прашав еден ден оружарот - да се подготвувам за битка кога судбината ми е губитничка, што се гледа и по многубројните фрески. Оружарот рече дека јас не треба да го следам разумот, туку инстинктите и емоциите. Без разлика што е неразумно да се готвиш за нешто апсурдно, генетски и емотивно треба да бидеш подготвен. Освен тоа, надежта секогаш е отворена категорија и ако таа не постои, светот нема да се движи нанапред. Тоа значеше надеж дека еден ден некој претставник на нашите малтретирани поколенија сепак ќе победи. Е, како може во борба кождер да победи светец? "Престани да се глупираш" - рече Ордог - "и почни да вежбаш." Јас ја разбрав неговата порака во преносна смисла и почнав да вежбам смрт. Импровизирав прободеност од копје, паѓав на земја, се виткав, се тркалав и се кинев од смеење. Не, јас не бев вистински кождер иако како таков се водев. За да бидеме поблиску до настаните, јас и оружарот кого почнав да го викам "дедо", се сместивме во едно мало селце наречено Св. Ѓорѓи. Првото оружје кое го направив беше - пиштол. Бидејќи бев мал, уште не дував оган. Оружјето го издлабив од орловски камен, мек а сепак убиствен. Тој камен се наоѓаше на врвот на планината веднаш над Св. Ѓорѓи. За време на акцијата го одбрав мигот кога Св. Ѓорѓи спиеше. Заедно со два-тројца другари, без никој да не забележи, се искачивме на врвот. Таму, на врвот каде што остриот ветар им ги дуваше меките перца на малите орлиња, исеков со нож неколку парчиња мек камен. Стравот од орлицата беше мал. Каде се видело кождер од орел да се плаши? Малите орлиња пискаа се повеќе и ние исплашени дека можеби ќе се појави мајката орлица или, не дај боже, таткото орел, фативме удолу. Орелот беше отиден во борба. Откако стигнавме на една полјанка, задишани седнавме на тревата. Јас во средина, другите околу мене. Ги извадив парченцата мек камен од џебовите, го извадив ноженцето и почнав да делкам. Жими тате не знаев што правам. Рацете ми се движеа ваму-таму, прстите потскокнуваа, делчињата од каменот се ронеа. Правев рески, дупчиња, пресеци, засеци, дував, шмркав. Очите на децата го гледаа со восхит мојот транс во кој бев паднат. Направив пет-шест делчиња кои вешто почнав да ги склопувам. Кога бев готов, на изненадување на сите во раката држев - пиштол. Станав простум, ја кренав раката со пиштолот подаден нанапред и пукнав. Јато штркови летнаа од селото угоре, се слушна мукање на крави и лаење на кучиња. Нешто го беше растревожило св. Ѓорѓи. Ми се чинеше дека првата битка штотуку ја бев добил. Го оставив пиштолот на тревата, им го оставив на децата да го расклопат и да направат исти такви пиштоли. стр. 97 Но св. Ѓорѓи не само што не беше погоден, туку се готвеше да ми врати со сета своја умешност. Се разбира дека најлесно ќе му беше да дојде до мене и да ми ја забие стрелата в грб. Но јас не бев толку лесно дофатлив. За таа цел тој се одлучи на итрина. Пратил едно девојче по име Марчела, еден ангел со запалена коса и молњи во очите. Таа излезе од еден бел автомобил кој пристигна во соседство- то, гушна таму некои непознати луѓе. Автомобилот отиде, таа остана. Дека беше пратеник веднаш забележав: како да знаеше што бара, ги вдлаби очите во моите и јас, не можејќи да издржам, ги закопав своите во песокот. Нејзиниот поглед ми го разбуди воинствнеиот дух. Беше некаде 1967 година, време како создадено за војни. стр. 98 Не сакам да ме врне дожд. Порано сакав, додека бев мал и уште немав во себе моќ да исфрлувам оган. Одвај чекав да врне и да се соблечам гол и бос, па заедно со другите голи и боси деца да се упатам до реката. Реката беше прилично далеку. До неа се стигнуваше преку пруга. Боси ноџиња на пругата. Ризикуваа да се лизнат на влажниот метал кој мириса на 'рѓа. Полињата со жито, штотуку ожнеани, и мирисот на дождот над нив ми ја држеа рамнотеж ата врз 'рѓосаните шини. Се натпреварувавме кој подолго ќе успее да изоди една шина. Јас никогаш не успевав без да паднам. Најдолго што можев беше околу педесетина метри, точно до амбарите со жито. Амбарите со жито на св. Ѓорѓи шумски. ќе влезев во нив - таму купишта жито. Не знам дали купиштата беа големи колку планини или, пак, јас имав само шест години. Како и да е, така босоног и гол, само по гаќи, се качувавме на една дрвена платформа и оттаму скокавме во житото. Тогаш уште не летав. Скокавме така водени од дождот, а житните зрнца ни се лепеа на телото. Кога излегувавме од житото личевме на сипаничави чудовишта и се смеевме со солзи. Секој скок значеше и голтнување грст жито. Ми влегуваше насекаде, во носот, во ушите, во очите. Скокавме повторно и повторно во житото, еден врз друг, еден врз друг. Кога ќе ни здодееше го продолжувавме патот. Дождот повторно ни ги миеше зрнцата жито од нашите тела. Тие се лизгаа удолу по мазната кожа, но никогаш сите не се долизгуваа; секогаш остануваше нешто во ушните шуплини, во гаќите, меѓу прстите. Такви доаѓавме до реката на која веќе и не и го знам името и скокавме во неа. Од преголема слобода скокавме во плиткото и си ги заринкувавме челата во мазниот песок на дното на реката. Не ни беше студено, иако морници и кокошкина кожа ми беа образите. Навечер, потоа, се миев со сапун од свинска маст, во металната копанка во која преку ден се собирала дождовница. И се триев со сета сила, се додека крвотокот не ми се вжештеше и додека образите не ми се вцрвеа. Навечер си легнував в постела во која се уште од косата од носето и од ушите, ми ги требеа последните житни зрнца. Тогаш уште не знаев што е тоа неспокој. Најава за такво нешто се појави со појавувањето на Марчела. Во мојата природа беше грабнувањето девојки, па затоа без никој да ми каже решив колку што можам побрзо да се отарасам од овој пратеник на св. Ѓорѓи. Постоеја два начина да се стигне до реката која течеше близу до селото: да се оди како човек по пат, или да се оди како кождер по едната железна шина на пругата која минуваше преку реката во вид на мост. Ја викнав еден ден Марчела да се натпреварува со мене - кој ќе успее до реката само по една шина да стигне, а притоа да не падне. Се разбира дека и таа прифати со оглед дека имаше намера кога ќе стигнеме таму - да ме бутне во реката. Тргнавме со раширени раце, во вид на буквата т, која тогаш не ја знаев. Не чувствував страв дека ќе паднам. Таа не забележуваше, ама јас на нозете и под мишките имав мали крилца кои ми помагаа да одржувам рамнотежа. Кога стигнавме во близината на силосите со жито се преправив дека изгубив рамнотежа и паднав. Таа почна да вика дека ме победи, ме победи, а јас во себе велев, ќе видиш ти кого си победила. и го покажав силосот со пченица и ја прашав дали сака да влеземе внатре и да видиме што има. Таа прифати поради својот расипан дух. Ја отворив вратата. Внатре имаше тони и тони, купишта и купишта пченица. Само што влеговме внатре, од темните агли на силосот скокна мојата верна дружина со пиштоли во рацете и и наредија да ги крене рацете. Таа почна да се смее бидејќи не не сфаќаше сериозно. Немавме каде: ја фативме за рацете и нозете и ја закопавме во пченица до тил. Таа почна да вика, да плаче. За да не се слушне, и ја врзавме устата со една шамија. Течеа крупни солзи врз шамијата на ангелот на св. Ѓорѓи. Ние ја затворивме вратата и така ја дочекавме ноќта. Мојата намера беше едноставно да ја измачам и да ја исплашам Марчела до тој степен што нема да и падне на ум подоцна своите способности да си ги става во полза на св. Ѓорѓи. Св. Ѓорѓи почна нерамноправна борба против мене - кождерот. Го крена целото село на нозе. Сите со батерии и со пушки во рацете беа тргнати да не бараат. Беше доцна ноќ, како смислена за борба. Ние се забарикадиравме во пченицата, ги имавме пиштолите на готовс и чекавме. Набргу не открија. Со насилнички методи, селаните влегоа во силосот. Ние молчевме. Еден од нив ја осветли запалената глава на девојката. "Ја најдовме, ја најдовме..." Во паника тргнаа кон неа, ја извадија од житото и ја одврзаа устата и таа не поткажа. Потоа не извадија еден по еден и нас, ни ги зедоа пиштолите и ги испогазија со нозете. Сите пцуеја, кој на унгарски, кој на романски, а имаше, богами, и Германци. Мене еден од нив ме фати за уво и така ме довлечка до оружарот кој во тоа време свиреше виолина и пиеше многу пиво. Ме фрлија пред него и му објаснија што се случи, нарекувајќи ме со сите погрдни зборови. Потоа побара од него да ме казни. Не само што не ме казни, туку се израдува што конечно почнав да правам кождерски пакости. Кога си отидоа сите, Ордог го крена шишето со пиво во вис и рече: "Да живеат жените!, Да живее мојата вечна борба со нивните прегратки!" Потоа заспа. За жал, Ордог не ме разбра бидејќи потекнувавме од иста лоза. Решението на мојот неуспех во борбата против св. Ѓорѓи дојде од неговата уста, тој рече: "Барем да одбереше друг ден". Како и да е, со мојата верна дружина ја запеавме песната со која сакавме да покажеме дека ако изгубивме една битка, тоа не значи дека ја изгубивме војната. Таа песничка гласеше некако вака: Невозможно е да се преведе во целост ова песничка, а да не се изгуби огромен дел од нејзината убавина. Но за љубопитните јас се обидов да ја опишам и еве што излезе: Пик палак јас цвеќе берам и ми иде да се се..... кој ден јас не се срдам но ми иде јас да пр.... далеку ми пее птичка Маре скока на својта пи.... кпалак јас цвеќе берам и ми иде да се се....... И така до недоглед. стр. 103 Моите, веројатно, се беа уплашиле од насилнич кото однесување на св. Ѓорѓи и решија итно да ме повлечат од тоа опасно подрачје. Ме дадоа кај другиот дедо Лазар во едно населено место наречено В'лчеле или по нашки Волково. Всушност, бидејќи за мене нема ниту време ниту простор, Св. Ѓеорѓи како и тоа Волково беше и таму и тука, и сега и тогаш, и овде и секаде. Местото ми одговараше, затоа што волците ги чувствував некако блиски. Се надевав дека ќе се спријателам со нив, затоа што нешто ми зборуваш е дека светецот ќе дојде по мене. Кога сме кај него - и нему не му беше лесно. Од историска перспектива гледано, иако историјата која се базира врз точно определено време и простор не ја засега мојата безвременост, во таа преодна година во Трансилванија почнаа да се одвиваат некои работи кои не можев да си ги објаснам. Само знам дека светецот се најде во многу поголема неволја од мене. Почнаа да не го остават на мира. Го бркаа од свадбите, не го пуштаа на славите, не го оставаа да спие во црква, му ги гасеа свеќите што си ги палеше околу глава. Му го задеваа коњот, го тераа да пие вино. На почетокот тој не ја сфаќаше сериозноста на ситуацијата и не се криеше многу. Но откако го удрија со еден дебел стап по нога, тој разбра дека е несакан и почна да се крие. Се разбира дека имаше многу луѓе што го сакаа но кои не смееја да кажат дека го сакаат. Му помагаа во криењето колку што можат. Така тој престојуваше на најразлични места: еден ден беше кај едни во шталата, другпат, во плакарот кај други, трет преспиваше кај гробиштата. Човек напросто жал да го фати. Но кога ќе помислам што се им прави на кождерите како мене и не ми е толку жал. Еднаш фатиле еден човек кој јавно, на плоштадот на селцето токму пред слаткарницата во која се собираа старците на по едно кафе и по една ракија, јавно изјави дека протестира против нечовечкото однесување кон светецот кој, ете, успеал од нивното село да го избрка кождерот. Сигурно мислел на мене. Кој дојде, од кај дојде никогаш не дознав, само знам дека тој или тие што дојдоа го однесоа, па човекот го снема од лицето на земјата. Беа тоа тешки денови и за оружарот и за светецот, но некако успеваа еден со друг да си помагнат во заедничката несреќа. Кога подобро ќе размислам, беше тоа неповолно време како за аждери така и за светци. Инаку како може да се протолкува фактот што дојдоа луѓе пратени којзнае од каде и зедоа речиси две третини од житото, половина од ракијата, третина од стоката, ги искорнаа цвеќињата кои не беа црвени и направија таков хаос каков што не може ниту да се претпостави. Од една страна, си велев: фала богу и на св. Ѓорѓи да му се најде некој што ќе излезе на крај со него, од друга страна пак знаев дека тоа, можеби, него не го интересира со оглед дека неговата цел бев јас - кождерот! Како и да е, тој мораше да замине од неговото село. Селаните, во надеж дека тој повторно ќе се врати, го оставија името. Потоа тој почна да ме бара и ги сврте сите големи градови и мали населби. Само интуицијата му помогна тој сосем случајно да се најде во Волково, во таа и таа курвинска година. Во центарот на селото имаше една чешма од која течеше кисела вода. Лазар таа вода ја викаше борбес. Мене, како и на секој нормален кождер прво што ми текна беше да го затворам протокот на водата и да не ги пуштам луѓето да пијат. Или пак, ако пијат, тогаш да ми принесат некој курбан. Не ми требаше долго да постапам така како што помислив и еден ден, оп, пред борбесот застанав и чекав да видам што ќе се случи. Не чекав долго, бидејќи се појави едно девојче кое ме праша дали сакам да си играме камион. Се разбира дека прифатив, в миг заборавајќи ја мојата кождерска природа. Играта беше едноставна и се состоеше од качување во еден непознат камион и криење внатре. Се качивме, се сокривме и камионот тргна. Жими тате немавме време ни да се освестиме, кога се вклучи моторот и кога тргна. Почнавме да плачеме и двајцата да рикаме на глас, но од пресилната бучава на камионот никој не можеше да не слушне. Камионот застана по половина час возење, а шоферот си отиде по свои работи. Се симнавме во една непозната земја. Во тој миг сфатив дека сум победен и дека веројатно е ова мојот крај. Не знаев каде да фатам и каде да одам. Затоа легнав на земја и ги стиснав очите. Секогаш легнувам на земја кога ми е страв. Ги затворам очите и што сака нека биде. Тоа што беше, се случи многу бргу. Лазар се појави одненадеж сиот успаничен и расплакан ме здрви од ќотек. Тогаш уште не можев да се бранам, но бев сосем свесен дека Лазар е Ѓорѓи и дека почнуваат неговите први напади врз мене. Очигледно дека нападите се готвеа да земат уште поголем замав, затоа што моите решија повторно да се селиме. Се уплашиле за мене. Веројатно мислеле дека уште не сум подготвен за борба, дека уште не е дојдено времето. стр. 107 Светецот успеа подолго време да се крие во Волково. Заедно со волците се криеше по планините, по долините; а кога волците отидоа тој се врати меѓу Македонците и почна да се крие во нивните куќи. Некои го примаа со отворени срца, некои се плашеа, не од него, туку од тоа дека ќе бидат откриени дека го чуваат дома и дека ќе бидат осудени. Точно е дека имаше една мала црквичка, но таму ниту некој влегуваше ниту некој излегуваше. Имаше и некои Грци кои го прибираа кога на Македонците ќе им дојдеше преку глава и го хранеа неговиот коњ, а нему му даваа само сув леб и вино. Тој за возврат им ветуваш е и на Грците и на Романците и на Македонците дека ќе се бори за нив. А богами човек за борба, особено со натприродни сили, секогаш е потребан. Но, тоа беше таа година кога ниту вистината ниту приказните се множеа. стр. 108 Се преселивме во еден град со коси покриви и со црна црква на плоштадот. Денес го викаат Брашов. Луѓето живееа со свиткани раменици и набрани чела. Живеевме заедно со Виетнамци. Тука подолго време живеев во спокој, растев и учев борбени вештини. Немаше никаков знак дека св. Ѓорѓи ме пронашол. Но во очите на моите родители тлееше некаков неспокој. Во дворот на мојот дедо, кој подоцна му остана на мојот татко, имаше десетици жени со камени коси. И не само косите, туку и телата им беа камени. Покрај секоја камена жена имаше по една вистинска гола жена од коски и кожа. Камените жени требаше да бидат направени според примерот на вистинските. Но не беше така. Камените жени имаа подолги вратови, искривени глави, долги раце кои завршуваа во сопствени прегратки, честопати беа толку стуткани што не можеше да се познае каде им е главата, а каде се другите делови на телото. Нивните лица беа плачливи, очите затворени, устите полуотворени, плетенките распуштени, боските исушени. Ако имаа очи, тие беа полни со страв, со горчина: гледаа во непозната насока... Не беа ни стари ни млади, ни убави, само искривени. Но не беа дојдени да ја покажуваат убавината на човекот, туку убавината на ѓаволот. Приквечер, кога вистинските голи жени ќе се облечеа и ќе си заминеа, камените жени остануваа сами и тогаш доаѓаше до израз нивната потиштеност, нивниот неспокој. Кој ли човек, каква ли сила ги беше осудила на такви страдања? И зошто во градина, во која обично растат цвеќиња, зошто токму во оваа градина наместо цвеќиња растат камени жени? Стравот од нив ме привлекуваше. Честопати навечер, кога сите ќе си легнеа, па дури и камените жени ќе завршеа со нивниот космички трепет, јас излегував преку прозорецот и со батерија в рака одев да им ги гледам лицата. Сакав да видам дали навечер плачат, дали откако сите ќе умрат тие оживуваат. Дали некаде одат, па се враќаат во раните часови или дали си зборуваат меѓу себе? Вистината ја дознав многу години подоцна, тогаш вистината беше предалеку дури и за еден еден кождер. Но за мое големо чудење, тегобноста на камените жени претставуваше блажена потреба за очите на посетителите. Тие доаѓаа, на почетокот, еден по еден, потоа двајца по двајца, а најсетне бидејќи нивниот број се множеше од ден на ден, градината веќе не можеше да ги собере многуте љубопитни очи. Затоа градската управа реши да ги однесе овие жени во центарот на градот и таму да ги изложи во вид на изложба. Постоеја три имиња за изложбата: Изложба на тегобноста. Изложба на неспокојот. Изложба на стравот. Стигна наредба за затварање на изложбата. Бидејќи авторот беше зачуден и вчудоневиден, затворачите тргнаа да му објаснуваат дека не само што е противуставно, туку може и да се смета антидржавно, да се создаваат такви жени, такви груби фалсификати на вистината, жени кои се држат во сопствената прегратка, жени кои имаат искривени усти и затворени очи, такви што се склопчени во клопчиња, со коленици ги допираат образите, трепетлики кои за мир не знаат, жени кои очигледно некаква јанѕа ги изела та изгледаат суви како насушна година. Каква врска имаат овие камени жени со оригиналните кои тој секојдневно ги влечка во градината? Тие се расцутени, со бујни гради, млечни, горди и, што е најважно, се смеат. Авторот добро го издржа првиот напад, стоеше вертикално, можеби само колената малку му се затресоа, но никој тоа не го забележа. Но не издржа долго, затоа што по следниот вербален напад на дојденците тој мораше безгласно да седне. Тие рекоа дека не само што ќе му ги конфискуваат, туку ќе им ги испокршат устите, ќе им ги ископаат очите, ќе ги парчосаат, нивните тела ќе ги расфрлаат по сите четири страни на светот, за да не може тој, авторот, никогаш повеќе да ги состави, ќе го осудат цел живот да скита по светот и да ги бара деловите на неговите скулптури за повторно да ги состави, а никогаш во тоа нема да успее затоа што некои глави ќе бидат на север, некои на исток, раце ќе има на запад и нозе на југ, косите ќе бидат во Индија, ушите на Антартктик, ножни прсти ќе има во Америка, во Бразил, во Аргентина, усти ќе можат да се најдат во Франција, Англија, Лапонија, гради во Нов Зеланд и Австралија, и никаков воз никакво летало не ќе може повторно да му овозможи да ги соедини деловите од главите, телата, очите, устите, нозете и рацете. Што е ова проклетство? Клетва? Да, клетва е. Луѓето фрлија клетва врз авторот и уште му рекоа дека и да успее на некој начин да собере одовде глави оттаму нозе, од прекуокеан коси, нокти, стомаци, тој никогаш, дали слуша, никогаш не ќе може да ги состави вистинските глави со вистинските лица, вистинските коси со вистинките тела, никогаш не ќе може едни раце да ги држат колената блиску до образите и колку и да се обидува повторно да ја искриви вистината, никогаш не ќе може да ја состави, затоа што таа секогаш ќе остане само една вистина. Од тој ден па натаму, авторот веќе не се виде себеси безбеден. Се подзамисли над својата судбина и во неговата бујна имагинација веќе се беше видел како талка по светот и како ги бара деловите на неговите камени жени, тука, таму, горе, долу, напред, назад, се виде себеси како во неговите очи до крајот на животот останува трошка надеж дека, сепак, ќе успее кога-тогаш да состави барем една камена жена насилнички распарчена. Во реалност го вратија луѓето кои, гледајќи го скулпторот сосем беспомошен, му рекоа дека сепак не треба да се грижи затоа што има излез од оваа ситуација. Тој ги крена очите, ги поткрена веѓите, небаре се чуди. ќе треба да направи нова жена висока три метри, широка еден метар, со бујни коси, со насмевка на лицето, со раширени зеници кои иднината ќе ја гледаат смело, вратот да и е висок, градите полни со млеко, стомакот силен и мускулест, нозете расчекорени, рацете стиснати во тупаница... не, подобро во рацете нека држи мало дете, а не да се глупира... значи да зрачи со енергија, со еден збор да опише вистинска жена, а не лажна, а не фалсификат. Ако направи такво нешто, тогаш таа жена ќе ја постават на челно место на изложбата, луѓето ќе почнат да се воодушевуваат од нејзината убавина, ќе доаѓаат во големи групи, можеби и некаква финансиска полза ќе се извлече од неа, значи ќе ги засени малите грди камени фигури, тие неправди за човечкиот род, кои веќе никој нема да ги гледа, едноставно сите само ќе се воодушевуваат од вистинската жена. Значи тоа е тој излез, кој треба да го прифати или да се соочи со клетвата што веднаш ќе му биде фрлена. Потоа си отидоа. Најпрвин се согласи да биде проколнат и веднаш се помири со тоа. Но сетне застана подобро да размисли и вака некако му течеа мислите. Луѓето кои ја разбираат јанѕата, луѓето кои ја почувствувале болката, ќе знаат каде да ги упатат погледите, ќе знаат да ги ценат малите камени жени колку и да се тие обезличени, колку и да се тие неверни на оригиналните жени, колку да се измислени. ќе прифати, но под еден услов. ќе направи глинена жена. Глината не е толку отпорна, лесно се крши, ако падне ќе ја снема, освен тоа со време ќе исчезне. Глината е земја и секогаш се претвора во земја. Каменот е исто земја, пропаѓа во земјата, но си ја задржува формата, барем првите пет-шест илјади години. Пораката останува дури и закопана во земја. Пораката е вечна, неа не може никој да ја уништи. Затоа глинената жена дури и да има некаква порака, таа набрзо ќе исчезне, ќе ја снема, каков било израз да има на нејзината уста, какво било тело, каква било порака, таа ќе стане прав и само вселената ќе може да ја чита. Авторот се врати во градината. Камените жени не беа таму. Земјата беше сува, небото облачно и реши да почека да заврне дожд. Дождот почна да врне. За време на паѓањето на дождот градината се претвораше во калливо мочуриште. Претходно ископаната дупка со глинени ѕидови се наполни со вода. Водата се разлеа дури и преку нејзините рабови. Скулпторот не можеше повеќе да чека, ги засука ногавиците на своите панталони, ги преврте два-три пати угоре, ги засука и ракавите на кошулата и скокна во калта. Почна да ја гмечи со нозете, почна да скока по неа како мало дете, прво со нозете, како да гмечи грозје од кое добива вино што ќе го спаси од глад и од жед. Но неговото грозје испушташе калливо вино, црвеникаво, лепливо, неподносливо тешко. Потоа кога нозете не му беа доволни, се фрли со раце, па гмечеше со раце и со нозе. Потоа кога не му беа доволни ниту нозете ниту рацете, се фрли со цела сила со телото и почна да се валка. Откако виде дека се е добро, почна да прави човечиња од глина и да им вдишува живот. Откако виде дека се е добро, стана и почна да ја собира замесената глина во големи дрвени кутии. Кога собра доволно, беше веќе доцна за живот. Затоа реши да продолжи следниот ден. Следниот ден донесе неколку кофи вода и ја истури врз глината, потоа повторно се качи на неа и почна да ја меси. Месеше погача, кравајче, месеше грозје, вино, месеше земја, крв. Се симна од месилиштето и отиде по некои долги железа жици, тељови, клешти, чекани, длета. Исправи две високи тенки цевки угоре, таман три метри. Потоа се качи на дрвените кутии и со жици направи на горниот дел многу кругови, како клопче од волна. Се симна од кутиите и намести две хоризонтални цевки. Од далеку железниот скелет изгледаше како мртов диносаурус. Потоа зеде да фрла глина. И не фрлаше со ред, од удолу нагоре, туку без ред, од средината па кон главата потоа на нозете па повеќе кај градите, па кај задникот. Глината му паѓаше на сите страни и правеше мали ритчиња кои оживуваа. Од далеку диносаурусот стана плашило. Личеше на овчар во својата зимска гуна, овчар на кој му избегаа овците, кој не може да си ги најде. На авторот му се виде оваа форма на овчар што си ги изгуби овците најблизок до неговите жени што си ги изгубиле главите. Сакаше да го остави така но мораше да продолжи. Врз моите кождерски крила падна пресна крв. Скулпторот и не забележал дека си го пресекол прстот. Јас ја собрав крвта во мали садчиња за да му ја вратам потоа кога ќе му треба. Потоа почна да моделира. Почна прво грубо од горе главата, па вратот, телото, рацете. Цел ден помина додека не дојде следниот. По следниот, уште еден, па на крај уште два. Јас цело време ја собирав крвта во мали шишенциња и му ја враќав во уста додека спие. Така го оддржував во живот. По седум дена жената беше готова. Убава, висока, исправена, бујна, мајка, сестра, ќерка, домаќинка, борец, работник, хуманистка. Од нејзиното челично насмеано лице зрачеше сила, борбеност, решителност, готовност, кадарност, доблест. Таа беше џин од човек од натчовек, џин од иднина и од сегашност. Дојдоа пет-шестмина луѓе со камион, ја кренаа со триста маки, додека авторот гледаше од страна, не водејќи многу грижа околу тоа дали ќе се скрши. Направија шини од железа кои тргнуваа од земјата, па водеа до камионот и лека-полека, еден, два, три, ја качија на камионот. Потоа тргнаа. Градината остана пуста каква што беше и пред да ја земат жената, но овојпат и недостасуваш е земја, затоа не беше веќе истата. Во далечината една голема човечка фигура на четири тркала лесно заминуваше кон залезот на сонцето. По нејзиното заминување можеше слободно да дојде есента. Без разлика што изложбата протече во најдобар ред, без разлика што имаше натписи во сите весници за убавината на жената, без разлика што тие што ги гледаа малите камени фигури беа малкубројни, без оглед на се, ништо веќе не беше како понапред. Посмелите ликовни критичари за скулптурите рекоа: суптилни изрази на внатреш ен немир, доблесни перформанси на прогонетата душа, архетипска јанѕа со лице на тотем, слобода заробена во уметнички облик, душевни јазли со очи на спокој. Ми се чини дека никој не можеше да забележи дека една од тие камени фигури претставува мало кождерче. Време беше да се смени местото. стр. 117 Со св. Ѓорѓи повторно се сретнав во Македонија каде продолжив со усовршување на борбените вештини и каде моите ме повлекоа заради посреќна иднина. Беше искасапен од борби, уморен, ненаспан, белузлав во лицето, гологлав, рашеметен. Легнуваше да почине под дебелите сенки на оревите, во испостените рамници, на нетолку високите брегови, тука-таму. На тие места на кои, барем за миг, или подолго си починувал, жителите или граделе цркви или, ако веќе постоеле такви, го цртале на икони. Има повеќе такви места: Св. Ѓорѓи, Волково, Буковиќ, Сончевиот брег, Лариса, Измирската околина. Тоа се места каде што св. Ѓорѓи беснееше со своето звечкаво оружје и го малтретираше локалното население за да му каже каде се крие кождерот. Бидејќи од ден на ден тој ми беше се поблиску до петиците, решив да се преобразам. Но тој не ќе беше тоа што е ако и тој не се преобразеше. Се претворивме секој во нешто друго со намера секој секого да го излаже, да го наведе другиот на посебна трага. Јас се претворив во обичен човек опишувач, зедов една гарсониера во една зграда со рамен покрив во Скопје и почнав да опишувам нешта и случки. А тој, тој стана исфрлувач и го посвети животот на изнаоѓање начини како да ме уништи. Почна да ми прави стапици секаде, на секој чекор. Наоѓаше најразлични начини да ме упропасти, да ме понижи, да ме измалтретира. Мојата одбрамбена моќ од ден на ден се повеќе слабееше. Моите мускули ослабуваа. Но тоа што е најважно, се наоѓав пред психички колапс. За да не ме снема, за да не исчезнам почнав да опишувам. Но и тоа не одеше најдобро. Опишувањата почнаа да ми натежнуваат, да ми создаваат се повеќе проблеми отколку радости. Јас и се предадов целосно на пасијата и почнав да се бранам од него со опишување. Опишував погледи на свет, споменици на културата, уморни коњи, пејзажи полни со природна околина, разнишана еколошка свест, градови, улици, туѓи судбини, свои судбини, метреси, курви, Циганки и нивните деца, старци по паркови, обични светлини, необични патувања, човекови нискости, но и достоинственост. стр. 119 Спроти мојот прозорец веќе подолго време гледам една жена. И таа ме гледа мене. Нашите повремени средби прераснаа во редовни тајни. Таа си ги плетеше косите, јас коските. На почетокот скришум, а потоа се повесело се погледнуваме. Јас и мавтам со рака, таа ми отпоздравува. Неколку дена подоцна дознав дека е глувонема. Тоа не ми беше воопшто неприродно, туку тоа што јас го забележав кај неа и што ме фасцинираше беше нејзината песна. Еднаш се обидов да опишам една песна испеана од Грација. (Така ја нареков поради нејзината сенчеста грациозност). Да не беше песната, досега одамна ќе се самоубиев. Така рекол некој и останал жив. Да не беше нејзината песна одамна не ќе можев да опишувам - реков јас и продолжив да ја опишувам. Песната на глувонемите можат да ја слушнат само кождерите. Таа е весела, има брз ритам, а сепак успокојува, многу личи на самовилска песна, на која одлично и одговара самовилското оро. При ова, треба сите жени да се облечени во бело, да ги имаат распуштени црните коси и да бидат фатени за раце. Набргу ќе се крене ветер којшто е толку силен што ги паѓа присутните во шизофреничен транс. За доброто на луѓето тие не треба да бидат присутни. Песната на глувонемата може да ги разбуди бувовите од нивната дневна дремка, може да им попречи на радиобрановите, на борбените авиони па тие да не знаат во која насока да летнат, може да изѕида кули од вистински звуци, може да ги надзвучи звучниците. Песната на Грација е слична на песната на сирените. Таа не се слуша, само неверојатно примамува. Човек не ја слуша, но почнува да чувствува топлина која почнува од петиците и се движи кон главата. Во мигот кога стигнува до главата доцна е да се преземе што и да е во одбрана и човекот се однесува прво непристојно, а потоа пристојно почнува да фаќа некои пораки на вистината кои не се обременети со современите комуникациски медиуми. Песната на Грација е вистинска песна. Таа не е создадена од лажливи тонови, туку од вистински. Кој не знае да ги почувствува и да им се радува се фрла од најблискиот мост во река, ако има река и ако има мост. стр 121 Моите описи ми помагаат да отпатувам таму каде што никогаш не сум бил. Места многу блиски, тука до мене, сосема едноставни, места кои ги допирам ги забележувам секојдневно но не ги гледам. Сакам да патувам по рабовите на мојата работна маса, сакам да патувам по таванот на мојата соба, по избраздените површини на паркетот, по предметите толку безнадежно расфрлани низ просторот, да се нурнувам во составот на покривката за постелата, во црнилото на утринското кафе. Сакам такви работи. Местата каде што сакам да патувам, тоа не се многу далечни пространства, туку блиските и непрегледни длабочини на односите меѓу живите организми, ниниот однос кон мене и мојот однос кон нивното поимање на животот. Сакам, на пример, да живеам мигови на туѓ живот, да бидам свест на човек кој, качувајќи се на дрво, пропаѓа во бунар, да бидам жена која престанала да сака еден човек и се дава секому насекаде се додека организмот не и се исцрпи од умор та кога ќе дојде последниот муштерија да му рече: "Ајде уште со тебе, па да одам дома да се одморам." Каква професионалност, каква радост во работата, какво самопочитување. Обожувам да клечам со пиво во рацете меѓу работниците од втората смена кои, пред да си одат дома, ги разденува пред спарните меани. Со нив ми е убаво, тие не зборуваат ништо друго освен за убави работи во животот. Каква величественост има во нивното самодокажување, каква братска поделба на беспарицата во која, колку и да е голема, секогаш има место за евтино вино со кисела вода. Тие мезат обичен паризер, веруваат во господ и разговараат за дотраените автомобили. Јас сум еден од нив, јас сум мајстор, опишувач на одалеченостите на блискиот живот. Верувам во патувањата зад првата кривина. Таму може да се открие потенцијален универзум на неспокој. Таму зад првата кривина може да се согледа мизеријата на обичниот живот, полн со озборувања, полн со сервилни услуги заради зачувување на пријателството, празнотијата и едноставноста на најновите државни вести, политич ките амбиции на невработените, смрдеата на урбаниот живот. Сакам да ги опишувам децата, препуштени на еволутивните процеси, здружени во банди, обединети во вербата за брзо збогатување, додека нивните мајки чии сопрузи оддамна ги напуштиле, се продаваат за мали пари по пазарите. Но најмногу од се сакам да патувам по телото на Грација. Патувам со денови, со часови. Сакам да се вратам таму каде што никогаш не сум бил. Едноставно да се вратам на местото каде што другите веќе биле. Сакам да лежам пролетва на тревата, па да ме покрива како што вели ангелот, летниот снег. Сакам, обожувам да ми пречи, да ми влезе во нос- ните шуплини, да ме натера да кивам, потоа да ми влегува во уши, да ми го затне свирењето во десното уво, ѕунењето во левото, сакам да ми навлезе летниот снег во порите на кожата, во крвта. Сакам бубачките да влезат во моето тело и да се хранат со летниот снег додека пријателите ме довикуваат на бескрајна седенка. Нема веќе седенки: се претвориле во леженки, тромави како карпести исечоци. Само се лежи: еден врз друг, еден покрај друг, нема веќе што да се разговара. Впрочем за разговор не е неопходно да се седи, може и да се лежи. Но треба да се разговара: за шумите, за реките, за долините и врбите, за прекуокеанските бродови кои чудесно потонуваат илјадници пати. А луѓето се уште тоа го гледаат и не разговараат за тоа, само лежат. Треба да се опишува. Сонувам да се искачам на Килиманџаро или на Монт Еверест - сеедно. Веднаш штом телово ќе ми се наполни со полен и ќе ми стане лесно како балон. Искрено се надевам дека поленот е полесен од воздухот та со негова помош ќе можам да се вивнам во височините на небото. Не знам точно каде се наоѓа Килиманџаро. И не е важно. Од горе, од небото сигурно ќе го здогледам некако. А дури и да промашам, да не е Килиманџаро таа планина на која ќе се спуштам, нема многу да жалам. Планина си е планина. Сакам да се издрогирам со прашина, ама не обична прашина туку со таква каква што се среќава по напуштените куќи од средна Македонија: која мириса на здрава мувла, која носи порака од дамнина. Прашина која потсеќава на кравји лепешки, на козјо млеко, на вртипоп и на планински чај. Таква прашина сакам да вдишам а потоа да се напијам вода, може и да е од еленска трага. И така се надевам дека водата ќе ја стврдне прашината во мене, таа ќе се избетонира, ќе се зацементира, ќе се измеша и со поленот и ќе ми ја згрутчува лека-полека крвта. Така згрутчен ќе се обидам да наберам тревки за смирување на потенцијата. Не сакам да бидам потентен, тоа значи дека и се препуштам на вселената, дека му се препуштам некому да ме води. Тоа значи дека и се препуштам на законитоста која можеби не е вселенска туку наметната, тоа значи дека им се покорувам на властите кои определиле луѓето да бидат потентни и да си ги множат грижите. Тоа значи дека сум под доминација на ламјата. Ако, сепак, овие закони се вселенски, да ти се плукнам на таквата вселена. Знам дека ако не и се покорам, ќе ме уништи. Ама каков човек сум јас ако и се покорам и ако правам се како што таа ќе каже. Не ми е токму најјасно дали разговарам со бог или со вселената. Ако вселената има брада, тогаш сеедно ми е. Сакам повторно да дувам оган и да ги докрајчам напуштените села, штали, пренатрупаните градски предградија, улиците полни со ѓубре. Да летнам над полиња и мориња, планини и езера, никој ништо да не ми може, а јас секому да му можам сешто. Сакам да постојат многу нешта врз кои ќе можам да си го истурам бесот. стр. 125 Сакам да патувам по телото на Грација. Го прашувам патот "одиш или си доаѓаш", а тој ми вели "тргни па само ќе ти се рече". Трнувам. Патот е нерамен, дури и непредвидлив. Ги ставам очилата со длабока диоптрија за да видам подобро. Тие ми се замаглуваат. Рано наутро е и телото испарува. Ги вадам очилата - ништо не гледам - ги бришам со крпче и повторно ги враќам. Ми се разбиструва. Има уште многу до крајот на денот. Грација се помрднува и го губам патот, ме исфрли. и велам да не мрда, а таа ме прашува зошто. Колку е убаво кога ги објаснуваш своите потези со лаги. Се враќам таму каде што сум застанал и продолжувам со патувањето. Го отворам прозорецот: надвор мириса на испотена пудра. Во далечините го гледам одблесокот на небото. Ми студи. Го затворам прозорецот. Почнува да врне. Патот станува лизгав, па ги вклучувам бришачите. Бришам мазни површини, шуми и рамнини. Шибам. Влегувам во клисура обрасната со зелени борчиња. Облаците се повеќе се спуштаат на земја. Птиците се сокриле зад хоризонтот. Грација ги прави истите тие грациозни движења што ги правела на прозорецот, но ја расипува глетката. Сакам повторно да и кажам да не мрда, но тоа е невозможно. Ја оставам така и таа по кусо време заспива. Го напуштам моето патувачко средство и продолжувам еднолично. Фасцинантно е што чувствувам само мириси. Мириси насекаде. Мирис на курвински тутун, на застарени и еднолични движења, мирис на изморена, но сепак весела Циганка, мирис на гума што се оптегнува, пазуви испотени, да точно, најмногу мириса на испотена ноќница веќе отфрлена од употреба. Сакам да ја наречам со некое миризливо име. Но премногу едноставни и можеби премногу лоши мириси има за да можам така да ја наречам. И затоа и го оставам името Грација. Нека живее со него таква каква што е - едноставна, може да се рече дури секојдневна. стр. 127 Знам дека на Грација нема да и се допаднат моите описи. Знам дека таа само со поглед ќе ми каже дека лажам, дека не е вистина. ќе ми рече дека ова не е љубовна приказна, туку воена. ќе ми рече дека ние никогаш не сме биле на дното на океанот, ниту пак јас сум изнајмил стаклен замок; не сме лежеле во вид на крст еден врз друг; нема да признае дека сме изнајмиле балон и дека сме летале меѓу облаците; нема да признае дека меѓу нас постои врвна комуникација иако никогаш не сме си прозбореле ниту збор. Знам дека нема да и се допадне, ниту пак дека ќе признае дека сум патувал со часови, со денови по нејзиното тело; дека наидував на пречки додека ја освојам. Знам, уште многу работи кои таа ќе ги смета за невистини: дека цели денови брмчат авиони над нашите глави, дека одбранбени тенкови и мировни камиони, ни ги газат децата; нема да признае дека луѓето највеќе ја сакат воената парада; дека постојат еколошки куршуми кои се распаѓаат во земјата и не се штетни за здравјето на човекот; дека постојат, исто така, и бомби кои не се штетни за здравјето на човекот. Таа ќе негира дека јас сум кождер и дека св. Ѓорѓи ми е најдобар пријател; таа нема да сака да се сети дека уметноста мора да се приспособува кон ситуацијата. И не ми е гајле за ништо, важно е да признае, да сфати, да почувствува дека моето патување по нејзиното тело не беше измислиен опис, дека моите ноќни стражарења над нејзиниот прозорец не се попусти; дека во писмата што и ги праќав си го опишував животот пред нејзините очи. Сакам само да разбере дека единствено нејзе можам да и ги доверам тајните на светот; дека единствено таа е претставник на најсовр- шениот вид комуникација. Сакам да разбере дека на еден опишувач не му прилега да лаже; дека тоа што го опишува не е имагинација, дека се е вистина, само што е можеби изразена со поинакви средства отколку секојдневните на кои сме свикнати. На крајот на краиштата, што е вистина? Дури и да постоела, таа трае толку кусо што одамна е веќе помината. Затоа само овој миг е вистина, само овде и сега. се друго е историја или иднина. стр. 129 Утре ќе ја викнам да дојде со мене. Да ги остави мажот и децата; да го спакува само неопходното; да го земе, можеби, само албумот со фотографии и со цртежите. Ако сака може да ја понесе најомилената книга со описи. Има едно напуштено село високо во планините. Од сите страни е обиколено со високи карпи, а среде тече бистар поток. Поставено е така што целото се капе во сонцето. Таму ќе живееме. Не е важно како се вика, ние ќе му дадеме ново име. Не е важно што сите куќи се напуштени, ќе ги наполниме со наши деца. Нив ќе ги наречеме со имиња на годишните празници. Врската со светот ќе ни бидат птиците и ветровите. Таа нема да зборува, а јас ќе молчам. ќе нема потреба од разговор ниту од опишувања, бидејќи се ќе биде познато и се ќе се знае. Немам време за губење, еве тргнувам кон неа... Моите опишувања имаат директно влијание врз мојот живот. Дека е тоа така може да посведочи и една неверојатно бизарна случка која заврши со мое тотално исчезнување од светот на реалноста и на вистината. По неа јас престанав да постојам како реално битие и моето место го зазема еден сосем непознат конформист, со бирократски изглед и со технократски мироглед. Но, за да не должам повеќе, ќе се впуштам во откривањето на фактите за кои, исто така, не сум сигурен дали некој ми ги посочи или сам ги открив. Како и да е, сето тоа ми заличи повеќе на театарска илузија отколку на животна вистина и за да го вообличам настанот со описни компоненети ќе го образложам во драмска форма иако немав намера тоа да го сторам. За да биде иронијата на судбината поголема оваа моја едночинка ја нареков "Исфрлувач". Пиесата започнува со последните зборови од мојот Делник кој, како сведоштво на мојата безгранична доверба кон Грација, го зедов со себе. Исфрлувач Немам време за губење, еве тргнувам кон неа... Ходник. Лифт. Пред лифтот две сенки, едната висока, крупна дебела (Исфрлувач) другата малечка, ситна, неугледна (Опишувач). Поради дифузната светлина не се гледа нивното образование. Се пали светилката во лифтот (демек дојде). Двајцата отвораат врата и влегуваат внатре. (Поради понатамошно олеснување на дијалогот нивните имиња ќе бидат предадени само со почетните иницијали.) О.: Каде ве молам? И.: За Прилеп. О.: (зачуден) Ве прашувам на кој кат ќе одите. И.: За Прилеп. О.: (нешто си вели за себе и стиснува едно копче) И.: Значи и вие за Прилеп? О.: Простете, ама не ве разбирам, како мислите "за Прилеп" кога ова е лифт? И.: Па да не сакаш пеш да одам за Прилеп? О.: А од кога, ти се молам, за Прилеп се оди со лифт? И.: Отсекогаш. А ти штом не знаеш за ова очигледно е дека не си бил никогаш во оваа зграда. О.: Сум бил многупати ... (Наеднаш снемува струја, но само накусо и се слуша тап удар. Потоа светилката повторно се пали) О.: Се заглавивме. ( двајцата си стојат спокојно чекајќи да се одглави лифтот. По некое време опишувачот, почнува да стиска по копчињата да ја отвора и затвора вратата. Прво спокојно потоа се посилно) И.: Ејјј, полека, не е твое ова па да го трескаш. О.: Па зарем не гледаш дека сме заглавени. И.: Гледам, па што? Тоа не значи дека треба да паничиме или нешто да расипеме. (повторно куса или подолга пауза по која ништо не се случува) Опишувачот удира со тупаница по вратата и почнува да вика напомош. Човекот е мирен.) О.: Вас ова како да не ве засега? И.: Ме засега само ако некој ми плати. О.: За што да ти плати? И.: Па за да почнам да се грижам. О.: Треба да ви плати некој, за да почнете да се грижите? И.: Да. О.: (ги крева рамениците, се чуди и почнува нервозно да се шетка низ лифтот.) Не можам да ве разберам, прво ме прашувате дали одам за Прилеп, а очигледно дека тоа не одговара бидејќи сме во лифт, а второ, за да почнете да паничите треба некој да ви плати. И.: Па не можеш да ме разбереш кога се гледа дека не си оттука. Од кое село си? О.: Набргу некој од станарите ќе помине, ќе сака да оди до дома со лифт, ќе забележи дека лифтот не работи и ќе викне сервис. И.: Надевај се ти само! О.: А што, ти не се надеваш? И.: Јас не се надевам, јас знам. О.: Што знаеш, дека нема никој да се појави? И.: Точно. О.: А кој си ти штом знаеш а не очекуваш, некој видовит човек? И.: Може да се каже... О.: Па господине видовит, ако сте или си таков, можеш ли да го предвидиш времето на нашето одглавување? И.: Можам, се разбира. О.: Па. И.: Зошто папкаш? О.: Велам кога ќе се одглавиме? И.: Штом ќе бидат воспоставени внатрешни услови за тоа. О.: Сакаш да кажеш дека за да се одглавиме треба од овде однатре да повлијаеме? И.: Точно така. О.: Можеш ли да ми кажеш кога ќе бидат воспоставени внатрешните услови за такво нешто? И.: Наскоро, наскоро. О.: И кои услови, ти се молам, треба да ги исполниме овде внатре за да проработи лифтот? И.: ќе чекаме и ќе видиме. О.: Ти си провокатор. И.: Не е точно, јас сум исфрлувач. О.: Исфрлувач? И.: Исфрлувач. О.: И што точно исфрлуваш? И.: Луѓе, предмети, нешта, ствари. О.: Исфрлувач - многу интересно. А што всушност значи исфрлувач? Што конкретно мислам - во кое претпријатие работиш? И.: Немам некое конкретно препријатие но во исто време можам да работам и секаде. Обично ме изнајмуваат. О.: Па се создадоа ли конечно вашите внатрешни услови, за да тргне лифтот? И.: Цк!. (Наеднаш ѕвони телефон, Исфрлувачот го вади од внатрешниот дел на џебот.) Не. Јок, нема абер. ќе биде набргу. Чекај само што се заглавивме. Освен тоа уште немав никаква поповолна прилика. Ајде. (го затвара телефонот и го враќа назад) О.: Имаш телефон? Па што не се јавиш во сервис, јави се во сервис или на некој од станарите, или дома кај тебе ако живееш во оваа зграда, јави се да дојдат да не одглават. И.: ( се смее) О.: (нервозно) Пред малку рече дека лифтот ќе тргнел кога ќе се создадат поповолни услови. За какви услови станува збор? И.: се во свое време, се во свое време. О.: (се нервира почнува да вика и удира со клоца по лифтот) Па кажи веќе еднаш... И.: Опа! Стануваш агресивен значи. Време е да почнам да дејствувам. (Со ногата црта една инпровизирана црта на средината на лифтот.) Од сега натаму таа половина на лифтот е твоја, а оваа моја. О.: Па што се занесуваш! Ти мислиш дека ако си ваков дебел ќе се плашам. (тргнува агресивно кон Исфрлувачот но тој со едно мало движење го кутнува на земја. Опишувачот офка од болка и станува на нозе.) Што сакаш да кажеш со ова, дека си посилен? И.: Токму така. О.: И дека можеш да ми правиш што сакаш? И.: Аха. О.: Ја сакам таа половина. И.: Што рече? О.: Велам ја сакам таа половина. Јас да отидам таму, ти да дојдеш овде. И.: Мислам дека не си во состојба да бираш. О.: Сепак, ја сакам твојата половина. И.: Не може. И точка. О.: Е може. И.: Знаеш што може? (го турка опишувачот наназад и црта една друга линија) Сега не можеш од оваа линија понаваму. О.: Значи, јас на една третина, а ти на две третини? И.: Така, зашто јас сум посилен. О.: (седнува долу и си ја фаќа главата во дланките. Ѕвони телефон) И.: (отвара) Уште не е готово. Не, не дознав и не јавувај ми се веќе, јас ќе ти се јавам кога ќе биде готово (затвора) О.: Што да биде готово? И.: Па ти реков, внатрешните состојби. О.: Па реши ги веќе еднаш, па да излеземе. И.: За жал, ако ги решам, ти нема да можеш да излезеш. О.: Опа, сакаш да ме убиеш? Е па, ајде, повели, извади го пиштолот и пукај! Само кажи ми пред да умрам што сум виновен, па да си умрам на раат. И:. А не, никако, не смеам да те убијам, освен тоа нема никаква потреба од тоа. О.: Па како ќе ги решиш внатрешните проблеми? И.: Со промена на мислењето, на свеста и на погледот на светот на единките. О.: ( се чуди) И.: Ич не чуди се. Еве ти пример, кога влезе во лифтот мислеше дека ќе стигнеш таму каде што си тргнал, но сега веќе го имаш сменето мислењето и не си веќе сигурен во тоа. Сега се плашиш и не знаеш дали воопшто ќе излезеш од тука. Како прво тебе ти припаѓа тој дел на лифтот којшто нема излез, затоа што за да излезеш треба да поминеш преку мојот дел кој е мој и преку кој не те пуштам да поминеш бидејќи си извонредно агресивен човек. О: Јас агресивен? Не знам кој кого држи во заробеништво, ти мене или јас тебе. И дали тоа значи дека без разлика дали некогаш ќе се одглави лифтот јас сум осуден вечно да престојувам во него! И.: Па може некако така да се рече. О.: Да, ама тогаш тоа значи дека и ти си нечиј заробеник затоа што не ќе смееш да си одиш, затоа што веднаш штом ќе си одиш ќе си одам и јас. И.: (нешто се растрвожил, го вади телефонот врти неколку бројки) Јас сум. А јас како ќе излезам? Па мислам ако не го чувам ќе избега. Аха... добро... доооо...брооо. (затвара и се смешка) О.: (и тој се паничи) Што? Кажувај што ќе се случи и со кого воопшто зборуваш? И.: Хехе... О.: Ова е киднапирање, ова е тероризам!. И.: За да ти покажам дека си мој и да ти ја докажам мојата сила, а воедно и твојата неоснована омраза, решив да ти го скратам животниот простор уште малку. О.: (паника) Но јас сум сведен само на 30 см квадратни- само за седење. И.: Да, но можеш секој момент да станеш, така? Затоа сега ми текна да ти одземам, односно да те ограничам и со половина метар простор што е над твојата глава. Со други зборови, тоа значи дека од овој миг понатаму не ќе смееш да станеш, инаку ќе те столчам. (повторно ѕвони телефонот, Исфрлувачот отвара) И.: Не можеш повеќе? Тогаш пуштај. (затвора. Лифтот тргнува. Опишувачот станува на нозе.) О.: Дали тоа значи дека се средиле внатрешните односи? И.: Надворешните услови налагаат внатрешните услови да се средат под итно. О.: И сега? (Лифтот застанува) Па ова е поткровје. И.: Не, ова е покрив, а ако не е, тогаш наскоро ќе биде. (Ја отвара вратата и застанува. Опишувачот се колеба, не знае дали да излезе или не.) Ајде тргнувај! О.: Каде? И.: По мене. О.: Каде, по тебе? (Исфрлувачот го удира со тупаница по стомак. Виткајќи се, опишувачот излегува од лифтот и тргнува кон крајот на зградата. Застанува пред провалијата на десетокатницата. Се вџашува.) Ова ти е многу евтино. Гледаш многу филмови. ќе ме струполиш удолу, а потоа ќе мислат дека сум се самоубил. Паметно, паметно. Барем можам ли да ја дознам причината поради која се самоубивам од заседа? И.: Мислам дека немаш никаков талент за опишување на нештата. О.: ? И.: Твоите описи се грозни. Си упропастил илјадници луѓе со твоите глупости, со твоите лаги, со твоите невистини си затворил многу семејства, многу деца си оставил без родители и обратно, многу жени станале вдовици. Опишуваш само тоа што сакаш ти да го опишеш, а никако тоа што треба да биде опишано. Ако е облачно, ти велиш дека е сончево, ако е сончево ти велиш дека е обратно. Твоите описи се срамота како прво за државата, а како второ за луѓето кои немилосрдно ги експлоатираш и им ја пиеш крвта, ги убиваш полека милиметар по милиметар. Има луѓе што велат, подобро да земе пиштол да не убие наместо вака што не бомбардира со описи. Многу полесно би ни било да ни фрли еден ласерски управуван проектил отколку вака да ни пушта хаотично раздвижени зборови. Има петиции од група граѓани, од спортски клубови, сојузи, од друштва на писатели, од ликовни уметници и од здруженија на занаетчии. Сите бараат само едно: да престанеш да опишуваш и да почнеш да пишуваш. О.: Ама... ништо од ова не е точно, јас ги опишувам сите работи такви какви што се. И.: Не е точно, лажеш, измислуваш, се потсмеваш, лудуваш. Што мислиш, кој ме прати кај тебе? Народот, светот, целиот прогресивен свет кој сака за последен пат да те предупреди да не тресеш глупости. Ми нудеа пари... одбив, не сум како тебе крвопија... им реков ќе го столчам бесплатно, ќе го уништам... ќе му го заменам мозокот со мајмунски... О.: Кој народ, бе, живти тебе? И.: Стопанственикот, Љуба, кумовите, сватовите, балдзите, свекорот и свекрвата, Пеце, Павлина, Зоран.... Сакаш уште? Уште ли сакаш.... психијатарот, св. Ѓорѓи, Ордог, Марчела, твоите пријатели од детството, О.: Доста, немој да лажеш..... И.: Сојузот на револуционерните писатели, скулпторот, народот на Волково... Султана, Грација.... О.: Грација? Кој си ти бе? (уплашен до немајкаде) Од каде ги знаеш сиве овие луѓе и настани, што си ти? Шпион? Провокатор? Каква Грација, па таа никогаш не би пратила по мене човек како тебе. Нема причина, па јас не само што ја почитувам, туку и ги открив и сите мои тајни, најголемите, најдлабоките, најсуштествените... О господи...!!! И.: Господ нема да ти помогне... О.: Зарем е можно Грација, која со моите описи ја спасив од здодевност, од рамнодушност, од самоубиство... И.: А не, не, таа те спаси тебе од самоубиство и не требала тоа да го направи; затоа сум јас сега тука за да те натерам тоа да го направиш во нејзино име. О.: Не е точно, сите беа задоволни од моите описи, барем така велеа, јас сум изненаден. И.: Слушај ваму ѓубре опишувачко. Постојат неверојатни докази, вклучувајќи го и твојот Делник, дека ја искривоколчуваш вистината, дека ги опишуваш работите не такви какви што се, туку такви какви што сакаш ти да бидат. Луѓето се прашуват зошто никогаш не си се опишал себеси, твојот мизерен живот, опишувај се себеси и додавај си се што сакаш, лажи колку ќе сакаш, никој нема ни да те чита а камоли да ти верува, дури мислам дека ќе те игнорираат. Кажи за тебе, за твојата мизерна жена, за децата што ти се неписмени за твојата немоќ да се соочиш со стварноста. Знаеме се за тебе од времето кога си почнал да ги опишуваш нештата по ѕидови. О.: Кои сте вие? И.: се имаме собрано, се знаеме за тебе. Ти си неспособен да разговараш, да погледнеш, да видиш, ти си слепец, намќор, затоа само опишуваш и опишуваш. Ти се лекуваш, а не опишуваш. Јас барам да се обидеш да се изманипулираш себеси, да си ја земеш судбината во свои раце, опиши се себеси, остави ги другите на мира, не е време да ги задеваш другите, а ако веќе ги опишуваш другите, прашај ги, не срами се, како сакаат да бидат опишани, што им одговара повеќе, што сметаат тие - која вистина за нив самите е вистина, со други зборови - што сакаат тие да знаат другите за нив. Ако видиш дека се слаби по дух, дека не можат да го откријат сопствениот идентитет, тогаш опиши ги такви какви што сакаш ти да бидат, но не повредувајќи ги, усреќи ги.... (го удира Опишувачот повторно по стомак и го кут- нува на земја. Тој е во бесознание.) Што може да се направи друго од овој беден опишувач? Еве го лежи како куп ѓубре, не може да се одбрани, не може ни да ме спречи да го направам ова... вади од внатрешната страна на палтото една тетратка, ја прелистува, го гледа насловот на тетратката и вели како за себе: Делник пффф... невистини, лаги.... потоа кине лист по лист. Листовите се разлетуваат по покривот на зградата, па потоа удолу паѓаат во амбис... Од далечината се слуша песна која се повторува: "Овој свет е смет што плови Овде пукај, таму лови..." Издава МАГОР ДОО Скопје Јазична редакција Јадранка Владова Корица и техничко уредување Мирко Давидовски МАГОР